И на хероите им треба оддишка
5 август 2021На оваа #ФотографијаНаДенот, тројца струмички пожарникари по 14 часа надчовечки напори во гаснењето на пожарот во близина на Делчево, целосно исцрпени земаат оддишка пред новите битки со огнената стихија.
Пожарите во земјата инаку не стивнуваат, активни се десетина пожари а најсериозна е состојбата токму во регионот на Делчево, но и на Пехчево и во општина Македонски Брод.
Покрај пожарникарите во нивното локализирање и гасење се ангажирани сите преостанати расположливи капацитети – на локалните самоуправи, Центарот за управување со кризи (ЦУК), војската, полицијата и граѓаните.
Исто така од рано утрината пет хеликоптери се вклучени во гаснењето на пожарот во пехчевско.
Повеќе:
-Кој и како да ги гасне пожарите? Се троши на луксуз, се штеди на противпожарни возила
-По пожарите расте притисокот за одговорност
-Пожарите под контрола: Републиката во(н) пламен
Поради алармантноста на ситуацијата, Управувачкиот комитет го прифати предлогот на Групата за процена и и предложи на Владата да донесе одлука за постоење кризна состојба на целата територија на државата во траење од 30 дена. Владата утринава одржува седница на која ќе го разгледа ваквиот предлог.