1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

АстраЗенека – една вакцина, 27 правила за користење во ЕУ

ЖА / агенции
8 април 2021

Министрите за здравство на земјите членки на ЕУ не договорија заеднички пристап кон вакцината АстраЗенека, без оглед на повиците за координација од Брисел заради сузбивање на сомнежот во оваа вакцина.

https://p.dw.com/p/3ri9v
AstraZeneca Impfstoff
Фотографија: Soumyabrata Roy/NurPhoto/picture alliance

На видео-конференцијата, министрите за здравство од ЕУ не се усогласија и сите држави ги задржуваат различните препораки за вакцината. Се очекува разговорите на оваа тема да продолжат.

Еврокомесарката за здравство Стела Киријакидес на видео-средбата инсистираше на координиран европски пристап, кој нема да ги збунува граѓаните и нема да поттикнува недоверба во вакцините.

И покрај ретките случаи на згрутчување на крвта, Европската агенција за лекови (ЕМА) вчера (7.04) препорача неограничена примена на вакцината на АстраЗенека, со образложение дека ползата е поголема од ризиците.

Земјите од ЕУ препорачаа различни граници за возраста за вакцинирање со АстраЗенека, иако ЕМА не препорача такво нешто бидејќи нема податоци кои тоа би го оправдале.

Германијазасега ја ограничи употребата на Астра Зенека на лица постари од 60 години и групи со висок приоритет, а одлуката за луѓето на возраст под 60 години кои ја примиле првата доза на Астра Зенека е одложена за идната недела.

Во Франција и Белгија вакцината се дава само на лица над 55 години. Во Финска со АстраЗенека се вакцинираат само лица над 65 години. Италија препорача да се вакцинираат со АстраЗенека само оние над 60 години. Другите земји на ЕУ во моментов немаат ограничувања за вакцината.