1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Формула 1: Мекларен Мерцедес повторно конкурентен?

12 јули 2004

Викендот беше под знакот на трката за “Големата награда на Велика Британија” во автомобилизам формула еден, како и на велосипедската трка “Тур д‘Франс”. Мерион Џонс не се квалификува за олимпијадата во трчање на 100 метри. Штефи Граф во “Холот на славните”. Тони Блер и принцот Вилијам учесници на атлетска трка во добротворни цели.

https://p.dw.com/p/Aemv
М. Шумахер победи на патеката на која во 1999-та годин доживеа тешка несреќа
М. Шумахер победи на патеката на која во 1999-та годин доживеа тешка несреќаФотографија: AP

10-та победа на Михаел Шумахер во 11-тата трка од светското првенство во автомобилизам формула еден – доминацијата на шампионот и на неговиот тим “Ферари” продолжува, а единственото ново што го донесе “Големата награда на Велика Британија” на патеката во Силверстоун е доброто издание на “Мекларен Мерцедес”. Кими Рајконен, навистина, не успеа пол-позицијата изборена на тренингот да ја претвори и во победа во трката, но по изразито слабиот тек на сезоната второто место беше сепак потврда дека новиот болид е конкуретно способен. Дотолку повеќе што и вториот возач на тимот Дејвид Култхард со пласманот на седмото место исто така освои бодови. Враќањето на некогашниот шампионски тим Мекларен Мерцедес може да го направи поинтересно монотоното првенство. Досегашната целосна доминација на Ферари е потврдена вчера и со третото место на Рубенс Барикело. Шумахер на претходната трка ги изненади конкурентите определувајќи се за стратегија со еден пит-стоп повеќе, додека вчера постапи обратно – со едно свраќање во боксот помалку успеа од 4-та стартна позиција да стигне до првото место. Од настаните во трката вреди да се спомне и спектакуларната несреќа на Јарно Трули, кој се преврте при брзина до 250 километри на час и остана неповреден.

Други вести од светот на формула еден: Ралф, помладиот од браќата Шумахер, кој поради повредата задобиена во Индијанаполис засега не седнува во болидот на “Вилијамс”, наредната сезона ќе вози за “Тојота”. Дубаи сака од наредната година да има свој тим во формула еден – изборот падна врз “Џордан”, информира весникот “Фајненшел Тајмс”, кој тврди дека договорот за купопродажба непосредно претстои. Досегашниот сопственик Еди Џордан би останал шеф на тимот.

На најзначајната велоспипедска трка во светот Тур д‘Франс денеска е слободен ден. Во осмата етапа вчера во спринтот најбрз беше Норвежанецот Тор Хусхофд, пред Кирхнер од Луксембург и Германецот Ерик Цабел. Жолтата маичка на водечки во генералниот пласман во утрешната 9-та етапа ќе ја носи Французинот Томас Веклер. Главните фаворити ја чекаат својата шанса во ридските етапи кои допрва претстојат. Германскиот ас Јан Улрих и натаму заостанува 55 секунди зад Американецот Ленс Армстронг.

Од САД две информации:

Мерион Џонес нема да го брани златниот медал во трчање на 100 метри што го освои во Сиднеј. Таа на квалификациите во Сакраменто го освои дури петтото место. Сега и‘ преостанува уште можноста за настап на олимпијадата во Атина да се избори во дисциплините 200 трчање на метри и скок во далечина.

Бренден Хансен на изборното натпреварување на американските пливачи во Лонг Бич постави светски рекорд на 200 метри градно со 2 минути, 9 секунди и 4 стотинки. 22-годишниот пливач пред 4 денови постави светски рекорд и на патеката до 100 метри градно.

Штефи Граф доби место во тенискиот “Хол на славните”. Денес 35-годишната некогашна германска тенисерка во својата кариера освои вкупно 107 турнири, од кои 22 грен-слем титули, и 377 недели беше на чело на листата на најдобрите светски тенисерки. Заедно со неа во “Холот на славните” е внесен и Швеѓанецот Штефан Едберг. Такво признание минатата година му беше доделено на Борис Бекер.

Британскиот премиер Тони Блер и принцот Вилијам во Лондон ја истрчаа патеката од 1600 метри на атлетската трка во добротворни цели - во полза на сиромашните и запоставени деца, во Лондон. Додека учеството на премиерот Блер беше најавено, настапот на Вилијам беше целосно изненадување. Со него беше и неговиот помлад брат Хари, кој не трчаше поради повреда на коленото.