Финале на Светската климатска конференција
15 ноември 2017Германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот на Франција Емануел Макрон се очекува да ја предводат дипломатската офанзива за заживување на климатските преговори, особено по најавеното повлекување на САД од Парискиот договор. За волја на вистината, САД испратија делегација тука во Бон, но нејзиното претставување на почетокот на неделава наиде на негодување и потсмев од присутните, откако наместо заложба за ослободување од фосилните горива, Американците предложија тие да продолжат да се користат.
Токму неделава, Сирија стана 196 држава која го усвои Парискиот договор, со што САД останаа единствената членка на Обединетите нации која го отфрла.
Со Парискиот договор, државите се обврзаа да го ограничат глобалното затоплување под 2 степени целзиусови, и притоа се заложија за намалување на емисиите на штетни гасови предизвикани од фосилните горива. Но, границата од еден степен во меѓувреме е надмината, а експертите предупредуваат дека со вакво темпо таа брзо ќе достигне и критични три степени целзиусови.
Сега се очекува од Меркел и Макрон заеднички да ги помрднат разговорите од мртва точка. Сиромашните земји бараат од богатите да им помогнат во финансирањето на нивните обврски во однос на заштитата на климата и проблемите кои произлегуваат од неа. Но клучниот проблем останува користењето на фосилните горива. Во тој поглед, проблемот не се сиромашните, туку развиените индустриски држави. Како Германија, на пример, што ја прави задачата на Меркел уште потешка. Јагленот, имено, обезбедува околу 40 проценти од германското производство на електрична енергија. Како што сега стојат работите, Германија нема да го исполни ветувањето за намалување за 40 проценти на емисиите на штетни гасови до 2020 година. Притоа, од заложбата за затворање на електраните на фосилни горива, зависи и идната германска влада, откако партијата на Зелените со тоа го услови своето учество во коалицијата. По повлекувањето на САД од Парискиот договор, многумина во Германија го видоа следниот лидер во битката против климатските промени. Тој имиџ сега е доведен во прашање.