Финален круг за договорот меѓу Скопје и Софија
7 јули 2017Властите во Скопје и Софија се соочуваат со отпор и недоверба кон најавеното потишување на билатералниот Договор за добрососедство и соработка. И додека македонската опозиција со денови го критикува премиерот Зоран Заев, барајќи да објасни што предвидува тој, ниту на бугарската влада не и е полесно. Остри критики за неговата содржина беа упатени на адреса на премиерот Бојко Борисов и на министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева, која за Договорот говорела на седница на надлежната парламентарна комисија.
Што значи „заедничка историја“?
Како што објавуваат бугарските медиуми, пратеникот Валери Жабљанов од Бугарската социјалистичка партија (БСП) го повикал премиерот Бојко Борисов да се откаже од потпишувањето на договорот со Македонија, оценувајќи го како „антибугарски“. Според Жабљанов, со тој договор се признава македонскиот јазик, не се уредува прашањето за бугарското културно-историско наследство во Македонија, нема заштита од евентуални идни претензии од страна на Македонија во однос на постоењето на малцинства на територијата на Бугарија и не ја гарантира безбедноста на македонските граѓани со бугарска самосвест.
„Овој договор е лишен од каква било содржина. Признавањето на основните тези на македонизмот како подтекст на договорот, крие огромни ризици и опасности и за Бугарија и за односите на Балканот", изјавил Жабљанов, а однесувањето на министерката Захариева во однос на договорот го нарекол „скандалозно“.
Според него, главното прашање е она за „заедничката историја“.
„Не можеме да прифатиме такво нешто. Што значи заедничка историја? Заедничка историја со кого? Зеднички херој ли е Гоце Делчев? На македонски ли треба да биде преведуван Никола Вапцаров? Сите оние прашања кои се злоупотребуваат од македонската пропаганда, не се спречуваат од овој договор“, критикувал социјалистот.
Како што пренесуваат медиумите, критики стигнале и од друг пратеник од коалицијата предводена од БСП.
„Со таков договор се абдицира од Македонија како историска тема и се признава диктатoт на другата страна. Покрај тоа, договорот страда од тешки правни и технички недостатоци кои нема како да бидат поправени“, изјавил пратеникот Иво Христов.
Ваквите критики не ја поколебале министерката Захариева.
„Ни претстои финалниот круг на преговорите за договорот со Македонија и ќе направиме се тоа да се случи. Се надевам дека оваа сабота и недела ќе бидат расчистени останатите технички детали од Договорот за добрососедство со Македонија“, најавила таа.
Не останува многу време, имајќи предвид дека е планирано Договорот да биде потпишан на 2-ри август, но претходно објавен и отворен за дебата во Македонија. Во меѓувреме околу него се нижат критики и разни толкувања во двете земји.
„Интерпретации на темата се непотребни, а ново отворање на прашањето е безвредно и за двете земји. Ако некој профитира од слични дебати, тоа се само противниците на европската перспектива на Република Македонија и на приближување меѓу двете земји“, изјавила Захариева, потсетувајќи ги пратениците дека редица бугарски влади од 2012 година следат една иста политика во однос на Договорот за добрососедство.
„Загрозена од три страни“
Такви интерпретации се нижат и во Македонија. Пораката е иста - дека сите сакаат да и наштетат на Македонија, а не недостига ни „центар“ кој тоа го планира.
„Пред ЕУ има три списоци на желби - тирански, грчки и бугарски, изјави поранешниот македонски амбасадор во Бугарија, Љубиша Георгиевски во гостување на ТВ „Нова“.
„Ако два тима играат фудбал и едниот тим не може да даде гол, а судијата свири 5 пенали, тогаш проблемот не е во фудбалерите, туку во судијата. Европа што прави? Кадија те тужи, кадија ти суди. Сега на список на желби е 'Тиранската платформа' која поентира со барањето дека сме геноциден народ. Ако сме геноцидни, секој би сакал да не уништи. Другиот список е грчки и не се промени за четврт век. Третиот список е бугарскиот. Ако ги споредите сите тие списоци, тезите се исти. Правени се од еден центар“, смета Георгиевски.
„Со Бугарија имаме три отворени прашања“ потенцира академикот Митко Маџунков во гостување на ТВ “Алфа“.
„Не го признаваат народот, не ја признаваат црквата и не го признаваат јазикот. Значи тоа е суштината на се (...) Ако сме ние браќа и ако сме блиски, да видиме во која смисла сме браќа, дали сме браќа затоа што треба некој да се поништи, за сметка на другиот или да се сака. Значи љубовта кон Македонија е патолошка љубов. Сите ја сакаат Македонија, да ја грабнат“, вели Маџунков.
Вакви и слични тонови од Скопје не се изненадувачки за аналитичарите во Бугарија. Според Красимир Узунов, претседател на Агенцијата и Радио „Фокус“, фактот дека се објавени над 1.800 текстови во македонските медиуми против Договорот со Бугарија, зборува само за една режирана кампања. Но, тој гледа и друга заднина.
„Во Македонија, нештата ќе зависат и од 'долгата рака' на Србија. Зад сериозниот отпор од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ јасно се наѕираат намерите на соседна Србија за зачувување на влијанието во земјите од бивша Југославија. Не е исклучено и македонската опозиција да организира спонтани протести против потпишувањето на Договорот со Бугарија“, смета Узунов.
Сепак, приврзаниците на овој договор се оптимисти дека тој ќе биде потпишан навреме. Односно дека попладневната средба на македонскиот премиер со потпретседателот на САД, Мајкл Пенс, во Подгорица на 2 август, (во рамките на Јадранската повелба, чиј претседавач оваа година е Република Македонија и кодомаќин со Црна Гора) нема да биде пречка заедничкото празнично чествување да се разлизира претпладнето на Илинден.