Филм кој нѐ промени
15 февруари 2017Филмот, за кој идејата доаѓа по инцидентот кој се случи на Смилковско езеро, се занимава со проблемите на македонското општество.
Ова се теми кои не се популарни и сѐ уште се табу на Балканот. Дали ви беше тешко да работите на филмот и со тоа да говорите за тие теми и да ги глумите тие работи?
Ханис Багашов: Конкретно да зборуваме околу сцената со Петар и Милан во полето. Ликот на Петар дава до знаење дека е вљубен во својот другар. Покажува хомосексуалност. Искрено таа сцена не беше планирана на почеток и ја немаше во сценариото кое го добив на почеток. И малку бев збунет дали ќе се игра до крај. Не ми беше проблем. Можеби на некој начин ми беше предизвик затоа што сум стрејт.
Стефан Китановиќ: Има проблем, бидејќи многу голем дел од луѓето што се делат, определуваат како стрејт, не ни знаат дека постојат такви супкултури во Македонија и затоа реагираат ксенофобично или хомофобично. Едноставно тоа е од незнаење, од неинформираност. Ако живеете во средина каде што има варијација на карактери и супкултури, вие нема да имате проблем со ништо од тоа. Во Македонија децата се учени да живеат... Знаете, изграден е еден систем полн со стереотипи. Теона говореше дека недостига жена, не жена како секс-жена, туку жена како есенција на жената, тоа недостига. Опседнати сме со патриотизам и не сме критички настроени кон себеси, туку првата критика ни е за другиот човек. Прво треба да се научиме да се видиме себеси. А за во филмот добро изреагиравме сите, затоа што сме склоп на различни карактери и спој на тие супкултури. Сепак, ние не сме го правеле ова, еве јас немав никаква врска со глума или со филм. Но мило ми беше што бевме склопени многу луѓе што се со отворен ум и се подготвени за работа.
На просторот на поранешна Југославија има мал дел од општеството кој е отворен за сѐ и тој дел не е проблематичен. Колку е мал тој дел од општеството во Македонија во вашите генерации?
Драган Мишевски: Сите ние сме различни генерации, но мојата генерација е донекаде позатворена, не е толку 'опен мајндед' за сѐ, а кај помалите е поотворена. Лошото е што попаметните, полибералните луѓе си отидоа од Македонија и на крај можеби само џганот ќе остане, оние што не би смениле ништо, туку би продолжиле така, за тие да просперираат на некој начин.
Дали работата на филмот ве промени и ве поттикна да размислувате за вашите животи и вашата земја, да ја видите на друг начин?
Игор Постолов: За мене лично филмот претставуваше една огромна промена како личност затоа што пред да започнам со филмот бев во една институција, каде што имав минимален контакт со општеството. На некој начин бев изолиран. Немав доволно сознание за светот, што има, што ни нуди. Бев изолиран и тоа придонесуваше дури и самиот јас да бидам настроен стереотипно, дури и со агресии. Едноставано, самиот јас бев едно лошо дете, во смисла - умртвен, отруен од средината. Со филмот буквално се промени сѐ. Се променив јас неверојатно многу. Многу позитивности стекнав. Пак се роди љубовта што како дете сум ја имал во себе, повторно ја вратив. Едноставно добив жар и желба за да живеам, да продолжам да се борам и да не се откажувам. Лицата со хендикеп и телесна инвалидност, како пример, се многу повлечени. Не сакаат да излезат и од тој аспект е тешко. Сакам да кажам дека со филмот се соочив со многу предизвици и да влезам во улога, карактер која ми лежеше многу. Како да се глумев самиот себеси, и сите мои доживувања што сум ги имал претходно ги чувствував постојано во филнот. Горд сум на шансата што ја добив и што ме прифатија останатите актери кои се дел од мојот живот и мојата промена. Од срце би кажал, веќе сум горд што постојам.