Фејсбук затвори профили на ултраконзервативци
3 мај 2019Социјалната мрежа Фејсбук затвори повеќе профили, меѓу кои и оној на влијателниот теоретичар на заговори Алекс Џонс, деснопопулистичкиот автор Мило Јанопулос и шефот на радикалната религиозно-политичка организација „Нација на исламот“, Луис Фаракан.
Алекс Џонс е човекот кој стои зад порталот „Инфоворс“ и во минатото, меѓу другото, објавуваше дека наводно американската влада учествувала во нападите од 11 септември 2001 година во Њујорк. Тој исто така тврдеше дека масакрот во училиштето Сенди Хук бил инсцениран од актери. Профилот на Алекс Џонс на Фејсбук е веќе затворен, а сега во визир е и неговиот Инстаграм-профил.
Мило Јанопулос е десничарски блогер кој во минатото пишуваше за порталот „Брајтбарт Њус“, а Фејсбук-профилот му е затворен поради расизам и непријателство кон жените. Луис Фаракан, пак, се товари за антисемитистички изјави и пропагирање надмоќ на црната раса.
Фејсбук отсекогаш затворал профили на индивидуи и организации кои поттикнуваат „насилство и омраза“, соопшти концернот.
Повеќе:
Фејсбук отстрани 212 профили и страници од Македонија и Косово
Фејсбук и други интернет мрежи по американските избори во 2016 година и гласањето за Брегзит се ставени под засилен притисок да преземаат мерки против ширење лажни и манипулативни содржини на своите страници. Големите платфроми веќе имаат преземено различни чекори во таа насока. Меѓутоа, за многу критичари, она што се презема не е доволно.