1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ФАЦ за Глигоров: „Неговиот збор се слушаше“

5 јануари 2012

Во денешните (05.01.2012) изданија дел од весниците на германски јазик одвојуваат подолг простор за Киро Глигоров, починатиот прв претседател на самостојна Република Македонија.

https://p.dw.com/p/13ejA
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) му посветува на Киро Глигоров текст со наслов „Во Скопје почитуван до крајот“. Во написот се вели:

„Кога Слободан Милошевиќ владееше во Белград, а Фрањо Туѓман беше претседател на Хрватска, кога Алија Изетбеговиќ и Радован Караџиќ стоеја еден наспроти друг во Босна и Херцеговина, Киро Глигоров ја вршеше највисоката државна функција во Македонија. Ако денес е тој помалку познат од неговите современици, причината не е само во тоа дека државата помеѓу Србија и Грција и без тоа често е превидувана. Благодарение и на претпазливото водство на Глигоров, Македонија не беше вовлечена во војните по распаѓањето на Југославија. Тој ја задржа земјата да не се најде во насловите; масовни гробници беа копани на други места“.

Во написот потоа се потсетува на неуспешниот обид на Глигоров и Изетбеговиќ да спасат некаква реформирана Југославија, потоа на проблемите со кои се соочуваше Македонија, откако, по Словенија и Хрватска, и самата се прогласи за независна, како и на најзначајните функции од богатата политичка биографија на Глигоров во времето на поранешна Југославија. „Глигоров стана познат, но не и омилен во номенклатурата, во шеесеттите години (на минатиот век, н.з.) со смелите за тоа време тези за економската политика“, забележува ФАЦ и продолжува: „Глигоров беше сметан за архитект на југословенската економска реформа. Во 1970 тој јавно ја нападна државната инвестициона политика дека нужно води кон инфлација. По смртта на Тито тој уште еднаш се обиде со барањата за почитување на правилата на пазарното стопанство да постигне пресврт во економската политика на Југославија и поради тоа го загуби местото во Централниот комитет. Да успееше своевремено да се пробие, можеби уште ќе постоеше Југославија, демократска ’и со променета физиономија’, рече Глигоров на стари години.

И кога бeше длабоко завлезен во осумдесетите години од животот, Глигоров, физички бележан од еден бомбашки атентат во октомври 1995, но со свеж дух, уште секојдневно работеше во неговото ’Биро на првиот претседател‘ во центарот на Скопје. Кој ќе го посетеше таму, можеше да доживее колку уште беше баран и во длабока старост. Тој навистина веќе не се мешаше во дневната политика на својата земја, но можеше да биде сигурен дека неговиот збор се слушаше“, заклучува на крајот од текстот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Symbolbild deutsche Presseschau Presse
Фотографија: picture-alliance/dpa

НЦЦ: Приемот на Македонија во ОН „важен успех на Глигоров“

Весникот „Ноје цирхер цајтунг“ го означува Глигоров како „таткото на основањето“ на македонската држава.

„Во неделата починатиот Киро Глигоров половина век се ангажираше за својата земја, која беше и Социјалистичка Федеративна Република Југославија, а по нејзиниот распад исто така и Република Македонија. Неа Глигоров во 1991 година претпазливо, но всушност нерадо ја водеше во независност. Во Македонија нему до ден-денес му се оддава признание дека издејствува повлекување на Југословенската народна армија, без да биде испукан еден единствен куршум.

Притоа Киро Глигоров го сметаше за историска грешка растурањето на Југославија. Се’ до крај тој, заедно со босанскиот истомисленик Изетбеговиќ, пледираше за преуредување во лабава федерација. Но, подгревањето на конфликтот со сепаратизмот на северните републики и аспирациите на Србија за превласт попречија каков било среден пат. Босанско-македонскиот обид за спас имаше добри причини. Во обете земји знаеја дека без заштитниот покрив од задничката држава би биле ставени на проба односот меѓу етничките групи и протегањето на границите. Така и испадна. Мултиетничката држава во Скопје и Сараево се’ до денес функционира побргу лошо, отколку добро“, смета авторот на текстот Андреас Ернст.

Тој понатаму се задржува на проблемот со името на Македонија и го смета за „важен успех на Глигоров“ што Македонија во 1993-та година, „и покрај грчкиот отпор, доби членство во ОН и со тоа и потврда на својата државност - но под името ’Поранешна југословенска Република Македонија‘“. Не е испуштен ни атентатот, како ни „последниот политички предизвик“ со кој беше конфронтиран Глигоров на крајот од вториот мандат - 350 илјади бегалци од Косово. Во биографскиот дел за Глигоров се вели дека „играше важна улога при основањето на АСНОМ - фактичкото јадро на македонската државност“, дека беше „движечка сила за пазарно-стопанска реформа на Југославија“ и дека заедно со Анте Марковиќ на крајот од осумдесетите години работел на преуредување на економскиот систем. „Кога сите тие напори доживеаја неуспех, тој - сосем прагматично - прифати нов предизвик, да ја одвои својата потесна татковина од Југославија што се распаѓаше“, се вели на крајот од написот во „Ноје цирхер цајтунг“.

Автор: „Франкфуртер алгемајне цајтунг“/„Ноје цирхер цајтунг“/Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска