Омикрон помалку опасен од Делта?
6 декември 2021Доктор Ентони Фаучи, имунолог и главен советник за пандемијата на претседателот на САД, Џо Бајден, изјави дека иако сојот Омикрон на коронавирусот брзо шири во државата, првите индикации покажуваат дека е помалку опасен од сојот Делта.
Тој за Си-Ен-Ен изјави оти на научниците им се потребни повеќе информации пред да донесат заклучок за сериозноста на сојот Омикрон. Извештаите од Јужноафриканската Република, каде за првпат беше официјално регистриран и каде станува доминантен овој сој, покажуваат дека стапката на хоспитализација не е алармантно зголемена.
„Засега не изгледа оти постои голем степен на сериозност, но навистина мораме да бидеме внимателни пред да донесеме заклучоци дали Омикрон е помалку сериозен и дека не предизвикува тешка клиничка слика, во споредба со Делта сојот“, рече Фаучи.
Тој наведе оти администрацијата на претседателот Џо Бајден разгледува укинување на ограничувањата за патување на патниците од неколку африкански земји кои не се американски државјани.
„Се надеваме дека ќе успееме да ја укинеме таа забрана во прилично разумен временски период“, изјави Фаучи додавајќи оти сите се чувствуваат лошо поради тешкотиите со кои е соочена Јужноафриканската Република и останатите африкански земји.
Сојот Омикрон досега е откриен во една третина од американските сојузни држави, вклучувајќи ги североистокот, југот и западниот брег. Висконсин и Мисури се меѓу последните држави во кои се потврдени инфекции со новиот сој.
Повеќе: Омикрон и заштитата на постоечките вакцини
Делта сојот и натаму е доминантен во САД, сочинувајќи над 99 отсто од случаите на зараза и предизвикува пораст на хоспитализации на северот.
Американските официјални лица и натаму апелираат луѓето да се вакцинираат и да примат бустер доза, како и да носат маски во затворени простории, бидејќи сето тоа допринесува за заштита од Делта сојот, но и од другите видови на вирусот.
Во изминатите две години, од почетокот на пандемијата, 780.000 Американци починаа од Ковид-19.
Бројот на заразени и починати опадна за околу половина од пикот со сојот Делта во август и во септември, но но со над 86.000 нови инфекции дневно, бројките се и натаму високи.