1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уште малку време за Скопје и Софија

4 ноември 2020

Пораките и изјавите од Софија, на домашната сцена ги брануваат и односите власт -опозиција.

https://p.dw.com/p/3kqTC
Bildkombo Flaggen | Mazedonien und Bulgarien
Фотографија: Uwe Scholz/teamwork/imago images

Сѐ уште траат разговорите во кои се бара решение што ќе ја одврати Бугарија од намерата да го блокира почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, кои треба да стартуваат со прва меѓувладина конференција во декември. Според извори на ДВ, Бугарија и натаму инсистира и лобира билатералните спорови да бидат вклучени во преговарачката рамка, што не наидува на поддршка од други земји во ЕУ. Упатени во процесот, велат дека во интерес на разговорите не е време да се објавуваат детали за формулите преку кои се бара приближување на ставовите.

Но, во бугарски медиуми осамнуваат детали за ставовите на официјална Софија. Весникот „24 часа“ објавува дека имало пробив во однос на македонскиот јазик. Захариева не кажала точно за што станува збор, но ги опишала како две познати варијанти - да се користи формулата од 2017 година за официјален јазик, или да се признае „еволуцијата и генезата на јазикот“.

„Мислам дека и таму имаме прилично голема приближување на позициите, но да ги видиме конечните текстови“, изјавила таа.

„За името и поточно за употребата на краткото име (Северна македонија -н.з.), за Бугарија е важно тие да го декларираат тоа што го направија и во НАТО - дека тоа не води кон географската област која е дел од Бугарија, и не е поврзано на кој било начин со територијални или малцински претензии. Конечно, колегите од Северна Македонија се обврзаа да го декларираат тоа“, изјавила Захариева.

Повеќе:

Штајнмајер очекува почеток на преговорите со ЕУ во декември

Скопје и Софија се приближуваат до договор

Софија во последен обид за интервенција во преговарачката рамка

ФАЦ: Бугарските барања кон С. Македонија не му припаѓаат на 21. век

Како што објавува весникот, од изјавите на Захариева станува јасно дека Бугарија во преговарачката рамка ќе бара јасно да се декларира дека „нема да бидат поддржани претензии за малцинство од страна на државните институции на Северна Македонија“.

„Ние сме добронамерни, но не можеме да правиме компромиси кои ќе продолжат да водат кон антибугарска кампања. Сè уште имаме шанса да постигнеме договор за преговарачката рамка, но нема многу време. Европските држави се исправени пред многу предизвици. Ќе биде најмногу на штета на Скопје, ако го пропушти овој прозорец. Не се сите земји толку воодушевени во однос на проширувањето“, нагласила Захариева.

Мицкоски: Да не се дрзнат да прифаќаат ултиматуми

Каков поглед се нуди низ тој прозорец? Дали почетокот на преговори со ЕУ е вреден за отстапки кои може да задираат во идентитетски прашања - е клучната забелешка во македонската јавност. Пораките и изјавите од Софија веќе подолго време ги брануваат и односите власт -опозиција. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа имаше видео-обраќање, во кое изјави дека се потврдиле неговите тврдења дека Софија барала да биде потпишан нов меѓувладин документ.

Nordmazedonien Wahlen Hristijan Mickoski VMRO-DPMNE Partei
Христијан Мицкоски: Да не се прифаќаат ултиматуми кои што се неевропскиФотографија: Petr Stojanovski

„Тоа што беше демантирано и прогласено како лажна вест од страна на министерот за надворешни работи, но и од страна на Зоран Заев, денеска доби краен епилог - дека постои такво барање беше потврдено од страна на вицепремиерот и министерот за одбрана на нашиот источен сосед, господинот Каракачанов. Тој во негово интервју јасно и децидно говори дека е потребен нов Анекс на договорот, во кој што ќе бидат вклучени максималистичките и неевропски барања кои што беа содржани во меморандумот што го изгласа Бугарскиот парламент во октомври 2019 година. За сето ова предупредував цело време, но тоа никогаш не беше сериозно сфатено и разгледано од страна на оваа мафијашка влада", рече Мицкоски.

Тој ги повтори и предупредувањата што ги добил од висок бугарски политичар за време на сесиите на Европската народна партија во Брисел, дека сето она што е дел од меморандумот на бугарската влада и парламент - е всушност ветување кое го дал Заев како опозициски политичар, велејќи дека само да стане премиер и сите недоразбирања ќе бидат решени. Мицкоски ги повика македонските граѓани да се обединат по ова прашање, со порака дека нема преговарање за идентитетските прашања, за нашата историја, за корените на македонскиот јазик.

„И ги предупредувам овие егзибиционисти во Владата, овие есперанто политичари, да не се дрзнуваат да прифаќаат ултиматуми кои што се неевропски, бидејќи истите следната влада на ВМРО-ДПМНЕ не само што нема да ги почитува, туку никогаш нема да ги земе во предвид“, порача Мицкоски, потенцирајќи дака македонските граѓани заслужуваат почнување на преговори после сето она што го направија за Европа и Европејците.

СДСМ: Мицкоски го „поткрепа“ Договорот

Од СДСМ возвратија на неговите обвинувања, со став дека секогаш кога се во прашање националните интереси и иднината на државата и нејзините граѓани, Христијан Мицкоски е на спротивната страна.
„Така беше и за време на реферeндумот за европската иднина, така беше и кога Северна Македонија стануваше 30-та земја членка на НАТО, така е и сега, во периодот кога процесот на интеграција во ЕУ треба да продолжи уште позасилено, преку почетокот на преговарачкиот процес со Унијата. Јавноста многу добро памети како лично Мицкоски на Бојко Борисов јавно му кажа дека го поддржува, односно ‘поткрепа' Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, додека дома го нарекуваше капитулантски. Јавноста многу добро знае и дека Мицкоски беше единствениот кој не се израдува на членството во НАТО и дека со неговата ВМРО-ДПМНЕ правеше сѐ, за да ги блокира реформите и да го закочи напредокот кон ЕУ, додека јавно навиваа државата да не добие позитивен Извештај и да не добие датум за преговори“, наведуваат социјалдемократите во реакцијата.

Оттаму потенцираат дека Северна Македонија продолжува по вистинскиот пат - на напредокот, развојот и интеграцијата, колку и тоа да не му се допаѓа на раковдството на ВМРО-ДПМНЕ.

„Денес, Мицкоски со своите антидржавни и антиевропски ставови се обидува да ја поткопа меѓународната позиција и да ја загрози европската иднина на државата. Како што не успеа претходно, така нема да успее ниту сега“, порача СДСМ.