Унгарија: „ЕПП го исфрли Орбан“
4 март 2021ДВ:Господине Креко, како го оценувате излегувањето на пратениците на Фидес во Европскиот парламент од пратеничката група на Европската народна партија (ЕПП)?
Петер Креко: Формално, ова е напуштање на пратеничката група, но всушност се работи за одлука која е против волјата на премиерот Виктор Орбани неговата партија Фидес. Орбан радо седи на масата со политички моќни, меѓу кои е и ЕПП. Тие се најголемото и највлијателното европско партиско семејство, со голема мрежа и долга традиција. Дури и ако Орбан сега ја продава неговата одлука како излегување од пратеничката група, во основа тоа е нивно исклучување, протерување на Фидес.
Какви последици ќе има оваа одлука врз европската политика и за Унгарија?
Ова е добра одлука за Европската народна партија и за европскиот политички менјстрим, бидејќи границите меѓу оние политички актери кои се залагаат за демократија и правна држава и оние кои не го прават тоа, ќе бидат појасни. Во овие времиња, во кои Европската унија постојано минува низ кризи, меѓу другото и поради влади како на Орбан, тоа може да биде добро само за Европа. И во Унгарија, заминувањето на европратениците на Фидес од пратеничката група на ЕПП, нема да промени ништо на подобро. Владата на Орбан и понатаму ќе продолжи да работи на слабеење на правната држава. Антибриселскиот наратив на Орбан со сигурност ќе се засили и тој уште повеќе ќе ја претставува ЕУ како виновник.
Дали е тоа почеток на Унгегзит?
Не, не верува дека ќе има Унгегзит. Орбан е свесен дека ЕУ е важна за стабилизација на Унгарија и унгарската економија. Се работи за слободната трговија која е многу важна за Унгарија, или за милијардите евра финансиска помош. Исто така е добро познато дека членови на семејството Орбан или нему блиски бизнисмени имаат голема корист од европските пари и фондови. Оттука, излегување од ЕУ не му е во интерес на Орбан. Сепак, Орбан ќе се обиде да ја подбуцнува унгарската јавност против ЕУ.
Досега тоа не функционираше во целост. Точно, мнозинството Унгарци го поддржуваа Орбан во неговата бегалска политика, но не и во критикувањето на Европа. Во изминативе месеци Орбан поради неговата непријателска реторика кон Европа дури и загуби поддршка во истражувањата на јавното мислење...
Да, унгарската јавност е далеку повеќе проевропски настроена за разлика од британската, на пример. Може да се каже дека е масовна и стабилна поддршката за Европа. По една декада владеење, Орбан не успеа ова суштински да го промени. Оттука не верувам дека унгарското општество би поддржало Унгегзит.
Долгогодишниот спор помеѓу Фидес и мнозинството партии од ЕПП, ја симболизира неспособноста на ЕУ ефикасно да и' се спротивстави на антидемократската трансформација на Орбан во Унгарија. Достигната ли е пресвртната точка?
Одлуката на ЕПП против Фидес е вистински пресврт и голем исчекор. Досега Фидес беше негативецот кој седеше со добрите момчиња на маса, а сега Фидес одеднаш е само негативец. Ми се чини најважно е тоа што германските Демохристијани (ЦДУ/ЦСУ), кои долго време и' беа грб на Фидес, поминаа низ постепен процес на отрезнување.
Дали одлуката на ЕПП ќе води кон тоа ЕУ отсега натаму поодлучно да настапува против поткопувањето на демократијата и построго да го применува новиот механизам за владеење на правото?
Тоа е тешко да се каже. Во постапката, според новиот механизам за владеење на правото, одделните земји членки се' уште имаат значително право на збор и влијание врз одлуката. Треба да се сочека и да се види што ќе покаже времето.
Фидес и ЦДУ/ЦСУ отсекогаш имале посебни односи, а германската економија исто така игра истакната улога во Унгарија. Како ќе влијае спорот меѓу Фидес и ЕПП врз германско-унгарските односи?
Грубо речено, Орбан и Фидес мислеа дека е доволно да купат неколку тенкови и друго оружје од Германија и да одржуваат одлични односи со германските автоконцерни и други големи компании, за да имаат и добри политички односи. Актуелната одлука на ЕПП ги постави границите на таквата политика и покажа дека не секогаш економските односи се совпаѓаат и со политичките. Во секој случа,ј ова ќе биде пресвртна точка и во однос на идентитетот на Фидес, со тоа што партијата веќе не е официјален сојузник на најмоќната политичка сила во Германија и Европа.
Петер Креко, роден во 1980 година, е политички аналитичар и од 2011 директор на Истражувачкиот и политичко-советодавен институт „Политикал Капитал“ од Будимпешта. Студирал социјална психологија, а докторирал во 2014 на социјална психологија на теории на заговор. Фокус на неговите истражувања се дезинформации, руското политичко влијание во Западна Европа како и европскиот популизам и радикализам. Во моментов работи како визитинг-истражувач на виенскиот Институт за хуманистички науки (ИВМ).