1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина користела касетни бомби против сепаратистите

Б. Георгиевски/дпа/ртр21 октомври 2014

Организацијата Хјуман Рајтс Воч ја обвини украинската армија дека користела касетни бомби при нападите врз позициите на проруските бунтовници во неколку градови во земјата

https://p.dw.com/p/1DZOn
Фотографија: Getty Images/Mark Renders

Документот кој го објави Хјуман Рајтс Воч документира 12 инциденти во кои касетна муниција убила најмалку шест лица, а биле повредени десетици во градот Доњецк и во околните населби.

Градот под контрола на бунтовниците, кој во мирнодопски услови броеше околу еден милион жители, беше една од тежишните точки на судирот меѓу владините безбедносни сили и проруските бунтовници.

Иако најголемиот дел од борбите беа концентрирани околу аеродромот, артилериски ракети неретко убиваа цивили и во резиденцијалните делови.

Според извештајот на ХРВ, во нападот од 2 октомври годинава во кој беше убиен и еден Швајцарец вработен во Црвениот Крст во центарот на Доњецк, биле користени ракети со касетна муниција.

„Испукувањето касетна муниција во населени места е неверојатно неодговорно и тие што наредиле таков напад треба да се повикаат на одговорност“, изјави Марк Хизнај, истражувач на њујоршката организација за човекови права.

Во извештајот се наведува дека и сепаратистите најверојатно користеле касетна муниција, но „засега нема докази кои би го потврдиле таквото тврдење“.

Касетните бомби содржат поситна муниција која експлодира кога ќе допре до тврда површина, што е особено смртоносно за луѓето во околината. Поради ваквите својства, муницијата е забранета согласно конвенцијата која е потпишана од 114 држави. Русија и Украина ја немаат потпишано конвенцијата.

Ostukraine Krise Zerstörung 15.10.2014 Donezk
Уништена зграда во ДоњецкФотографија: Reuters/Shamil Zhumatov

Украинската армија ги демантираше наводите од извештајот, оценувајќи дека активистите за човекови права биле под влијание на сепаратистите.

„Украинските вооружени сили не користеле оружје кое е забрането според меѓународните договори“, изјави портпаролот на Националниот совет за безбедност и одбрана на Украина, Андриј Лисенко. Тој додаде дека авторите на извештајот добиле „провокативни информации“ од сепаратистите, сугерирајќи дека ХРВ треба да објави повеќе детали. Во сличен тон и украинското МНР ги демантираше наводите: „ХРВ е злоупотребено од нелегалните вооружени формации за нивните пропагандни цели“, изјави портпарол во Киев.

ХРВ не е прва организација од овој тип која ги критикува властите во Киев. Во понеделникот, во извештај на Амнести Интернешнл беше оценето дека двете страни во конфликтот извршиле убиства, егзекуции и други злосторства. Во истовреме, извештајот ги критикуваше и руските медиуми дека „во голема мерка ја преувеличуваат бројката на таквите злосторства“.

Рускиот претседател Владимир Путин минатата недела ги обвини меѓународните организации за човекови права дека ги премолчуваат прекршувањата на човековите права во источна Украина.