1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Украина и Русија: Олаф Шолц во деликатна мисија

Сабине Кинкарц
14 февруари 2022

Американските разузнавачки служби го вклучија алармот, а и Германија ги повика своите граѓани да се повлечат од Украина. Германскиот канцелар Шолц е во посета на Киев а потоа на Москва. Ситуацијата е екстремно опасна.

https://p.dw.com/p/46zk8
Германскиот канцелар Олаф Шолц се надева на деескалација на кризата околу Украина
Германскиот канцелар Олаф Шолц се надева на деескалација на кризата околу УкраинаФотографија: Christophe Gateau/Pool/AP/picture alliance

Еден ден во Киев кај украинскиот претседател Владимир Зеленски, еден ден во Москва кај рускиот претседател Владимир Путин. И во двата случаи, полетува рано наутро и вечерта се враќа назад – барем така е планирано. Да не беше толку напната геополитичката ситуација, а односите меѓу Русија и Украина не се затруени во толкава мера, тогаш овие патувања ќе беа сосем нормални посети на земјите на новиот германски канцелар Олаф Шолц.

Ова би било прво своевидно „опипување“ меѓу шефовите на држави и влади и обид меѓусебно да се проценат и да се види дали меѓу нив има некаква „хемија“ и колкава е политичката хармонија. Од тоа во голема мера зависат и билатералните и геополитичките односи. Но новиот канцелар нема време за таков мек и фин почеток.

Екстремно опасна ситуација

Американските безбедносни служби предупредуваат од руски напад врз Украина претстојниов викенд. По САД и други Западни држави, сега и Германија ги повика своите сограѓани да ја напуштат Украина. Германската влада оценува дека ситуацијата е екстремно опасна. Германскиот канцелар Олаф Шолц во неделата на маргините на избор на германскиот претседател зборуваше за „многу, многу сериозна закана за мирот.“

Германскиот канцелар Олаф Шолц веќе водеше разговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев
Германскиот канцелар Олаф Шолц веќе водеше разговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски во КиевФотографија: Office of the President of Ukraine

Шолц покрена дипломатска офанзива. Пред една недела беше во Вашингтон со американскиот претседател Џо Бајден, по што во Берлин беа и дел од шефовите на држави и влади на земјите од ЕУ. Шолц го угости и францускиот претседател Емануел Макрон и шефот на полската држава Анджеј Дуда, како и премиерите на Данска и трите балтички земји. И претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел беше во Берлин, а во четвртокот (10.02) беа одржани и разговори во таканаречениот „Нормандиски формат“ на ниво на советници меѓу Русите и Украинците, кои ги модерираа Германци и Французи.

„Двојна стратегија“

Сега следат Киев и Москва. Високите очекувања му тежат на Шолц – толку што неговата влада однапред се обидува да ги „намали очекувањата“. Од владини кругови се вели дека не се очекува дека канцеларот од Москва во вторник ќе се врати со конкретни резултати. Разговорите се дел од интензивните дипломатски напори на сите сојузници со цел со конкретни чекори да се одржи серијата разговори со Русија за деескалација.

Канцеларот зборува за „двојна стратегија“. Од една страна преговори, а од друга закани. „Воената агресија врз Украина која би го загрозила нејзиниот територијален интегритет и суверенитет, би предизвикала остри реакции и санкции. Внимателно ги подготвивме и подготвени сме веднаш да ги спроведеме заедно со нашите сојузници во Европа и НАТО.“ Сојузот е единствен и решен, рече Шолц пред неколку дена. „Никој не би требало да се надева дека по ова прашање ќе делуваме различно – ќе делуваме како еден“.

Шолц во минатиот четвврток во Берлин ги пречека лидерите на Литванија, Естонија и Летонија
Шолц во минатиот четвврток во Берлин ги пречека лидерите на Литванија, Естонија и ЛетонијаФотографија: Christophe Gateau/pool/dpa/picture alliance

Разлики во однос на испораката на оружје

Сепак Германија не е вклучена во испораката на оружје за Украина, за разлика од други сојузници, и германската влада отфрла такво нешто поради историски причини. Берлин дури не го одобри ниту барањето на Естонија старите хаубици, кои потекнуваат од залихите од Народната армија на ГДР да и бидат дадени на Украина. 

Како што се дознава во Берлин, Канцеларот веројатно ниту во Киев нема да се обврзе на испорака на оружје за Украина. Но таму би можел да биде проверен списокот на желби на Киев за воена опрема на кој меѓу другото се наоѓаат и електронски системи за позиционирање, опрема за отстранување мини, заштитни одела, дигитална радио опрема, радарски станици или уреди за ноќно набљудување.

Ќе ги преиспитаме можностите се вели од Берлин. Покрај политичката одлука, се работи и за тоа колку од ова е фактички достапно. „Немаме вишоци во Бундесверот, ние немаме илјадници уреди за ноќно набљудување.“

Можна економска помош

Како што стојат работите Олаф Шолц ќе и понуди на Украина понатамошна економска поддршка, која Киев секако ја бара. Германија во последниве години е најголемиот донатор – вложи околу две милијарди евра за стабилизација на тамошната економија. Украинската валута во моментов е под голем притисок, што дополнително ја отежнува ситуацијата. „Украина може да биде сигурна дека како и до сега ќе ја покажеме потребната солидарност,“ нагласи Шолц.

Живот со конфликт во украинското погранично село Хранитне

Германско – рускиот гасовод Северен тек исто така би требало да биде тема на разговорите во Киев и Москва. Европските сојузници и САД со вознемиреност реагираа на тоа дека германската влада долго време се обидуваше гасоводот Северен тек 2, кој се уште не е пуштен да работи, да го задржи надвор од листата на санкции. Гасоводот кој поминува низ Балтичкото море од Русија до Германија е „проект од приватен сектор“ и процесот на одобрување е „целосно аполитичен“ зборуваше Шолц во декември.

Да не се стават сите санкции на маса

„Ако Русија, на пример, со тенкови и воени единици ја премине границата со Украина, Северен тек 2 повеќе нема да постои“, решително изјави американскиот претседател Бајден минатиот понеделник во Вашингтон во присуство на германскиот канцелар. Олаф Шолц кој стоеше до него се „собра“. Тој веќе со недели упорно одбива и да го спомене името „Северен тек 2“

Има многу причини за таквата воздржаност. Владата не сака официјално да најави за какви санкции конкретно станува збор, и како што вели канцеларот „не сака да стави се на маса“. Рускиот претседател треба да се држи во „мрак“ за да не може точно да процени какви би биле последиците и трошоците од санкциите.

Економски интереси

Германските стопанственици исто така имаат голем интерес односите меѓу Берлин и Москва да бидат премногу затегнати. И покрај влошувањето на украинската криза, Стопанскиот комитет за источноевропски односи Комитетот не се откажува од организација на традиционалните разговори со рускиот претседател кои се одржуваат еднаш годишно.

Поради короната, 20 топ-германски менаџери не сакаат, како што е вообичаено, да се сретнат со рускиот претседател во Москва или Сочи, туку само виртуелно, преку видео конференција. Но, датумот на  одржување е утврден за почетокот на март и тоа, како што се наведува, тоа е направено во консултација со германската влада.

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ