1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Укинување на имунитетот на прокурдските пратеници?

Рајнхард Баумгартен / ЕМФ16 мај 2016

Турскиот парламент расправа за тоа дали поради обвинувања за тероризам да им се укине имунитетот на прокурдските пратеници. Лидерот на прокурдската ХДП, Селахатин Демирташ, предупредува од ескалација на состојбите.

https://p.dw.com/p/1IoUK
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Altan

Првиот човек на прокурдската Демократска партија на народите (ХДП), Селахатин Демирташ, стравува од опасноста од натамошно ескалирање на насилството во Турција доколку им биде укинат имунитетот на пратениците на ХДП. Турскиот парламент од денеска почнува со расправа за привремена промена на Уставот, со која би им бил укинат имунитетот на 136 пратеници. Тоа би овозможило тие да бидат кривично гонети. Со ваква мерка би биле погодени 50 од вкупно 59 пратеници на ХДП, меѓу нив и Демирташ.

Во интервју за германската телевизија АРД, 43-годишниот Демирташ критикува дека укинувањето на имунитетот е насочено пред сѐ против неговата партија. Доколку пратениците на ХДП останат без пратенички имунитет, граѓаните би ја загубиле „целосно својата верба во демократската и мирна политика“. Тогаш луѓето би почнале да бараат „други средства и начини“, предупредува Демирташ. Тој го обвинува турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека можеби сака да испровоцира граѓанска војна за од тој хаос да може потоа да воведе претседателски систем во земјата.

Türkei Selahattin Demirtas Chef der pro-kurdischen HDP
Селахатин ДемирташФотографија: Getty Images/AFP/J. Thys

Во Турција, според шефот на ХДП, владее војна и внатрешни судири. Земјата чекор по чекор оди во насока на систем „еден човек“, тврди тој. Според Демирташ, единствената вистинска пречка на овој пат е ХДП. Ако оваа партија биде протерана од парламентот, ако нејзините пратеници бидат осудени во некаква итна постапка и со тоа ги загубат мандатите, Ердоган би можел преку нови парламентарни избори да стигне до доволно пратенички мандати за носење нов Устав.

ХДП - продолжена рака на ПКК?

Против Демирташ и 49-мина други пратеници на ХДП се покренати пред сѐ обвиненија за тероризам. Прокурдската ХДП од страна на Владата, но и од страна на претставници на други партии, често се нарекува продолжена рака на ПКК.

ХДП во јуни минатата година изненадувачки го мина цензусот од 10% за влез во парламентот (партијата освои 13,1% гласови) и ѝ нанесе тешки загуби на партијата на Ердоган - АКП. На изборите одржани на 1 ноември ХДП освои 10,7 проценти гласови, додека АКП си го врати апсолутното мнозинство во парламентот. Во текот на кампањата за изборите имаше тешки напади врз објекти на ХДП, а се случија и два големи терористички напада врз левичарски и мировни активисти, во кои загинаа повеќе од 130 луѓе.

На крајот на јули минатата година ПКК и владата во Анкара го откажаа примирјето, кое траеше повеќе од две години. Оттогаш, според наводи на Владата, се убиени околу 4600 борци на ПКК и 450 припадници на турските безбедносни сили. Потврда за ваквите бројки од независни извори - нема.