Укината забраната за демонстрирање за време на ЗОИ во Сочи
4 јануари 2014Владимир Путин денеска (04.01.) потпиша декрет со кој се дозволуваат демонстрации и прoтестни маршеви за време на ЗОИ во Сочи. Тие, меѓутоа, претходно мора да бидат најавени кај властите во градот. За местото на одржување на демонстрациите и патеката по која би се движеле евентуалните маршеви одлука ќе носат безбедносните сили. Освен тоа, според декретот, властите можат да го ограничат и бројот на учесници на демонстрациите.
Минатиот август рускиот претседател забрани собири и маршеви за време на одржување на Олимпијадата за теми кои не се поврзани со ЗОИ. Во декeмври претседателот на меѓунaродниот олимписки комитет Томас Бах соопшти дека рускиот организационен комитет дал уверување оти протести ќе бидат дозволени во специјална зона.
Русија има многу строги безбедносни мерки за време на Олимпијадата, а стравот дека исламистичките екстремисти би можеле да извршат напади за време на ЗОИ се зајакна по двата самоубиствени бомбашки напади во Волгоград, во кој загинаа над 30 лица.
Зимските олимписки игри во Сочи ќе се одржат од 7 до 23 февруари, по што на Црното море следува Параолимпијадата од 7 до 16 март.