Ужаснатост по пресудата против новинарите на Ал Џазира
30 август 2015„Ние сме во Египет. Се‘ е можно“, вели Бахер Мохамед. Тој можеби го насетуваше неповолниот резултат од судскиот процес, но кога пред извесно време во разговор за ДВ не искажа преголем оптимизам во врска со сега изречената пресуда, можеби имаше и само реален поглед врз состојбите во египетското правосудство. Тој и другите двајца обвинети новинари кои исто така работат за Ал Џазира, Мохамед Фахми и Питер Грест, се осудени на по три години затвор.
Бахер Мохамед и Мохамед Фахми ќе мора да ја одлежат казната затвор во Египет. Грест е поротеран во Австралија во февруари годинава. Судот оцени дека се виновни за поддршка на Муслиманското братство, кое во Египет е категоризирано како терористичка организација. Освен тоа, новинарите, како што оцени судот, ширеле „невистини“. Против ваквата пресуда може да се поднесе жалба.
Ал Џазира реагираше веднаш. „Денешната судска пресуда е предизвик за логиката и здравиот разум“, вели Мостефа Соуа, еден од директорите на телевизијата. „Пресудата е уште еден напад врз слободата на печатот. Ова е црн ден за египетското правосудство. Наместо одбрана на слободата и слободните и фер медиуми, тоа својата независност ја жртвуваше за политички цели.“
Сомневање во правната држава
Пресудата предизвика огорченост ширум светот. Канадското Министерство за надворешни работи побара итно ослободување на канадскиот граѓанин Мохамед Фахми. „Оваа одлука на сериозен начин ја поткопува довербата во правната држава во Египет“, соопштено е од страна на Министерството.
Австралиската министерка за надворешни работи Џулија Бишоп изјави дека е „потресена“. Таа вели дека ќе бидат и натаму користени „сите дипломатски патишта“ за да се докаже невиноста на Грест.
Пресудата ја критикуваше и Амнести Интернешнал. Филип Лутер, одговорен во АИ за Блискиот Исток и Северна Африка, вели дека пресудата е „фарса, која цели во срцето на слободата на говор во Египет“.
Репортери без граници оцени дека станува збор за „засрамувачка, ’политичка’ одлука“. Египет на нејзината листа на слобода на печат се наоѓа на 158. место од вкупно 180. Пред револуцијата во 2011 година Египет беше на 127. место.
Во затвор се 18 новинари
Според истражувањето на Комитетот за заштита на новинари, во Египет во моментов во затвор се 18 новинари. Повеќето од нив се обвинети дека соработувале со Муслиманските браќа.
На средината од август египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси потпиша антитерористички закон со кој е дозволено гонење на новинари. Ако нивното гледање на некое кривично дело не се поклопува со официјалниот државен став, тие може да бидат казнети со парична казна од речиси 23.000 евра. Во случаи кои според судот се особено тешки, таа казна може да биде двојно поголема. Првично беше предвидено за вакви „престапи“ новинарите дури да добиваат и затворски казни, но по масовните протести овој пасус беше изваден. Но, законот и без тоа на државата и‘ пружа широка основа за преземање чекори против критичките новинари. Непрецизно дефинираниот поим „тероризам“ дозволува под него да се подразбираат различни дејства и изјави и да се преземаат мерки против несаканите новинари и други лица.