1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Убиството на Ивановиќ - политичка саботажа

Ивица Петровиќ
17 јануари 2018

По убиството на Оливер Ивановиќ, Белград и Приштина повторно меѓусебно се обвинуваат. Без сомнение, станува збор за политички атентат, а последиците допрва ќе се согледаат, пред сѐ врз дијалогот помеѓу Србија и Косово.

https://p.dw.com/p/2qy2j
Kosovo Mitrovica trauert um Ivanovic
Фотографија: DW/J. Đukić-Pejić

Убиството на Оливер Ивановиќ предизвика драматични реакции во Белград. Освен седницата на Националниот совет за безбедност, голем број партиски лидери одржаа вонредни прес конференции, телевизиите емитуваа вонредни програми за атентатот. Потсетувањето дека Оливер Ивановиќ беше умерен политичар подготвен на дијалог, остана во сенка на политизацијата на целиот случај и меѓусебното обвинување на власта и опозицијата, која потсети дека Ивановиќ беше политички противник на владејачката Српска напредна партија, виновна за „атмосферата на конфликти и маркирање мети на чело на политичките противници.“ Напади врз Оливер Ивановиќ не вршеа само политичарите, тврди опозицијата, туку и медиумите блиски до власта спроведуваа медиумски хајки против него. Покрај вербалните напади, на Ивановиќ пред неколку месеци му беше запален и автомобилот.

Власта од својастрана ја нападна опозицијата за искористување на трагичниот настан за пресметка со српскиот претседател Александар Вучиќ. По седницата на Националниот совет за безбедност, Вучиќ упати тирада навреди и обвинувања на сметка на опозицијата, но и кон новинарите за поставените незгодни прашања. „На сите кои велат дека оваа власт ги убива политичките противници, можам само да им кажам - бедници едни“, порача Вучиќ.

Шпекулативна зона на самрак

„Несомнено станува збор за политичко убиство, чии последици допрва ќе се согледаат, посебно на процесот на Бриселскиот дијалог, а најзагрижувачки е што по ваков настан, влеговме во своевидна зона на самракот, во која шпекулациите се коистат за меѓусебни сомничења на Белград и Приштина“, вели за Дојче веле Бошко Јакшиќ, надворешнополитички коментатор.

„На Белград секако би му одговарало убиството да ѝ го припише на Приштина, а Косово останува на аргументите дека тоа го направиле Србите, имајќи ги во вид сите закани на кои беше изложен Ивановиќ во пресрет на локалните избори на Косово есеноска. Треба што поскоро излегување од ваква ситуација, а тоа изискува силна соработка на безбедносните агенции на Белград и Приштина, со вклучување и на меѓународниот фактор присутен на Косово“, вели Јакшиќ.

Kosovo - Polizei untersucht den Tatort an dem der Kosovo-serbische Politiker Oliver Ivanovic erschossen wurde
По убиството на Ивановиќ, полицијата го блокираше делот од градот каде тоа се случиФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Slakovic

Меѓународната заедница - фактор на стабилност?

„Мислам дека е крајно неодговорно и опасно во моментов, кога ништо не се знае, да се извлекуваат заклучоци дека убиството требало да ѝ користи на една, друга или трета страна“, предупредува Јелена Милиќ, директорка на Центарот за евроатланстки студии. „Во поглед на опасноста од подигање на тензиите, во регионот и натаму егзистираат доста невралгични точки, но освен поединечни инциденти, не гледам преголема опасност, првенствено поради големото присуство на меѓународната заедница на овој простор. Се надевам дека постојат доволоно механизми за ограничување на секој евентуален инцидент и држење под контрола“, вели Милиќ за ДВ.

Бошко Јакшиќ стравува дека сега постои многу поголема опасност од тензии помеѓу Србите во северно Косово, отколку опасност од пораст на тензиите на релација Срби- Албанци. „Без сомнение, вакви настани сепак можат да придонесат за зголемени напнатости, па сега е прашање колку Белград и Приштина ќе се свртат кон истрага со ладна глава или ќе се обидат да прават политички капитал од трагичната ситуација. Со оглед на досегашните искуства, стравувам од можни негативни последици и врз српско-албанските односи на Косово.“

Повеќе на темата: 

„На Косово треба да се реагира трезвено“

Атентат во Косовска Митровица: Убиен е Оливер Ивановиќ

Атмосферата е веќе напната

Делегацијата на Србија, која ги продолжи техничките преговори со Приштина во Брисел, ги напушти разговорите и засега е непознато кога и како тие ќе продолжат. Во моментов можеби звучи цинично, но тие треба да продлжат, вели Јакшиќ. „Продолжувањето на разговорите мислам би била најголема благодарност кон Оливер Ивановиќ, кој долги години се бореше за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина и тоа многу поинтензивно од многумина учесници на сегашниот дијалог во Брисел.“

За Јелена Милиќ, продолжувањето на дијалогот зависи и од резултатите на истрагата. Кон тоа треба да се придодаде и напнатата атмосфера на Косово поради противењето на албанските политичари на формирањето на Специјалниот суд за злосторствата на ОВК. „Во таа прилика чувме и недопустливи и неприфатливи изјави на албанските функционери со прилично неморални аргументи, без врска со најважното - правда за жртвите.“

Serbien Präsident Aleksandar Vucic
Српскиот претседател Вучиќ упати предупредување до албанската страна на КосовоФотографија: Insajder

Белград и Приштина нема ништо да решат

Кога на ваков начин страда познат политичар, прашање кое автоматски се поставува е: каква порака се испраќа и кому е упатена? За Бошко Јакшиќ пораката е очигледна, а во заднина е саботажа. „Тука мислам на саботажа на дијалогот и на процесот на нормализирање на односите. Прашање е само чија е саботажата? И меѓу Албанците и меѓу Србите постојат сериозни сили против дијалогот, што само ја отежнува ситуацијата. И на Белград и на Приштина им одговара сокривање на евентуалната вмешаност. Затоа, мислам дека е неопходно вклучување на меѓународната заедница во разрешување на случајот.“

Во изјавата на српскиот претседател, дека зад ова стои желбата на албанската страна нејзините вооружени сили да влезат и во северно Косово, Јакшиќ гледа „некој вид превенција и предупредување до албанската страна да не го користи убиството за свои други политички цели.“

Јелена Милиќ мисли дека вакви изјави не придонесуваат кон намалување на тензиите. „Постојат процедури за тоа кои оружени сили можат и каде да бидат, а меѓународната заедница упати експлицитна порака дека косовските безбедносни сили можат да се трансформираат само согласно со уставот на Косово. Оттаму, не гледам потреба од вакви изјави.“