Косовци уапсени за планирање напад во Германија
23 декември 2016Уапсените, според досега познатите информации, се браќа, на возраст од 28 и 31 година. Тие се осомничени дека планирале напад врз трговскиот центар „Центро“ во Оберхаузен, кој е еден од најголемите трговски центри во Германија и Европа. Браќата во моментов се на сослушување, а се трага и по евентуални други учесници во планирањето напад. Засега не се познати други детали во врска со случајот, а од покраинското Министерство за внатрешни работи на Северна Рајна Вестфалија исто така нема официјална информација.
Инаку, огромниот трговски центар во Оберхаузен, кој на две нивоа има повеќе од 250 продавници и ресторани, и денеска работи со вообичаеното работно време. Портпарол на полицијата соопшти дека обезбедувањето во комплексот ќе биде зајакнато. Преку Твитер, полицијата во Оберхаузен соопшти дека по нападот во Берлин, заради поголема безбедност, присуството на „божиќните пазари и големи маси луѓе“ е зајакнато.