1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција ја „облекува“ Европа, а условите за текстилните работници се лоши

Сенада Соколу / Елизабета М. Фиданоска20 август 2014

Турција важи за најголем производител на облека во Европа. Производите на многу топ-марки се шијат во Турција. Синдикатите го критикуваат условите за работа, но препознаваат знаци на подобрување.

https://p.dw.com/p/1CxKQ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Голем дел од големите текстилни брендови, како Esprit, H&M, Hugo Boss, S.Oliver, Adidas, Nike и Zara, своите продукти ги шијат во Турција. Тоа Турција ја прави четврт по големина производител на облека во светот, а број еден во Европа. Но условите за работа и платите се најчесто лоши.

Тоа го покажува најновата студија на невладината организација Clean Clothes Campaign. Таа ги истражуваше условите за работа на повеќе од три милиони текстилни работнички во некои источноевропски земји и во Турција. Според студијата, платата што ги плаќаат фирмите за мода се доволни одвај да се преживее. Официјалната минимална плата во Турција, во моментов, изнесува околу 441 евра месечно.

„Платите не се доволни за живот“

„Платите во турската текстилна индустрија генерално не се доволни за живот. Вработените заработуваат месечно, во просек, 300 евра“, вели Хасан Арслан од турскиот синдикат ДИСК. Работодавачите најчесто не се држат до обврската за минимална плата, нагласува тој: „Над 40% од работниците се неформално вработени, што значи работодавачот не плаќа за работниците придонеси и не мора да се држи до обврската за минимална плата.“

Сенол Санкаја, раководител на „Јесим текстил“ се спротивставува на тоа. Неговата фирма е една од најголемите текстилни фирми во Турција. Таа произведува облека за многу големи марки, како Nike, Hugo Boss, Zara и Calzedonia. „Нашите работници не само што добиваат минимална плата, туку ние плаќаме егзистенцијален минимум, што е за 35% повеќе од минималната плата“, тврди тој за ДВ и додава дека се внимава многу и на здравјето и безбедноста на работниците.

Тоа можеби е така во „Јесим текстил“, но синдикалецот Арслан цитира од статистиката: „Турција, на европско ниво, е рангирана на прво место по број на несреќи на работно место и на трето место на светско ниво. Според турскиот закон, неделно се работи 45 часа, но вработените во просек работат по 67 часа неделно“, вели Арслан. Прекубројните работни часови, како што критикува синдикалецот, генерално не се плаќаат.

Shopping Konsum Frauen Mädchen Einkaufen Billig Symbolbild
Европа се „облекува“ во Турција - голем дел од големите текстилни брендови, како Esprit, H&M, Hugo Boss, S.Oliver, Adidas, Nike и Zara, своите продукти ги шијат во ТурцијаФотографија: Getty Images

„Луѓето се цедат како лимони“

Германската модна куќа Hugo Boss беше предмет на критика уште во 2011 година. Тогаш, според медиумските извештаи во Турција, во фабриката во Измир биле отпуштени 74 работници. Турскиот синдикат за текстилна индустрија и облека ТЕКСИФ условите за работа таму ги опиша како „убиствени“. Според ТЕКСИФ, многу луѓе во Измир сакале да се приклучат на синдикатот за да се спротивстават на лошите услови за работа. Тоа, како што тврди синдикатот, било причина тие да добијат отказ.

Условите за работа се проблематични до денес, вели експертот на ТЕКСИФ Омер Сејфетин Атолган за ДВ: „Во фабриката на Hugo Boss луѓето се цедат како лимони, па мора да се вработувата постојано нови работници.“

Сертификати за европски стандарди

Текстилниот претприемач Сенол Санкаја го брани Hugo Boss: „Со Hugo Boss имаме добри односи. Тие доаѓаат редовно и проверуваат. Имаме сертификати кои гарантираат дека условите за работа соодветствуваат на европските стандадри.“

Но тоа очигледно не е така насекаде. Арслан нагласува дека за тоа се виновни како работодавачите, така и турската влада. „Во турскиот Устав е пропишано дека вработените може да станат членови на синдикат, но турската држава не презема доволно мерки против работодавачите кои го кршат законот“, вели тој, додавајќи дека само 7% од вработените се синдикално организирани.

Faden Nadel & Nähmaschine
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Ситуацијата се подобрува“

Ертан Хосгор, претставник на синдикатот од фирмата „Хенатекс“, која произведува облека за Nike и Adidas, исто така ги критикува условите за работа во текстилната индустрија во Турција: „На секое работно место треба да има систем за вентилација. Работиме на жега, особено налето. Најчесто нема клима уреди. Треба почесто да се проверува количеството на прашина на работното место и филтрите. Машините на кои работиме најчесто се многу стари“, вели Хосгор за ДВ. Тој работи во фабрика за џинс. „Бојата се лепи на кожата и е нездрава. Во вакво претпријатие мора да има тушеви, но тоа го нема во најголемиот дел од фирмите. Турската влада мора да се погрижи за одредени стандарди и за нивно почитување“, бара Хосгор.

Сепак, и тој има пофални зборови за меѓународни фирми како Nike, Adidas и Puma. Според него, тие редовно ги контролираат условите за работа. „Тие контролираат и дали работниците се синдикално организирани. Ги прашуваат вработените колку заработуваат, каква е храната и нивниот однос кон работодавачот. Тоа ги става работодавачите под притисок. Ситуацијата се подобрува“, заклучува Хосгор.