1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турски војници бараат азил во Германија

Ж.А. /агенции
28 јануари 2017

Десетици турски НАТО-војници, кои по обидот за пуч во Турција добиле отказ, побарале азил во Германија, бидејќи во татковината им се заканува затвор и мачење.

https://p.dw.com/p/2WYud
Ostukraine Krise NATO AWACS Einsatz 16.04.2014
Фотографија: Reuters

Кратко пред патувањето на германската канцеларка Ангела Меркел во Турција, медиумите известуваат дека околу 40 турски воени лица, стационирани во бази на НАТО, побарале азил во Германија. Според информациите на „Шпигел“ и емисијата на првиот јавен сервис АРД, „Рапорт од Мајнц“, станува збор во најголем дел за високи по ранг офицери. Германската сојузна служба за миграција и бегалци, како и Сојузното министерство за внатрешни работи велат дека случаите ќе имаат третман еднаков на сите апликации за азил. Моментот на објавување на информацијата е прилично деликатен, зашто канцеларката Меркел в четврток патува на политички разговори во Турција, еден ден пред ЕУ-самитот на Малта.

„Нема двојба, не можеме да ги вратиме овие војници во Турција, таму директно ќе завршат во затвор“, изјави политичарот на ЦСУ, партија-коалиционен партнер во владата, за магазинот „Шпигел“.

Претседателот на Комисијата на Бундестагот за надворешни работи, Норберт Ретген истакнува: „Постапката за азил е чисто правна пработа, во која политичките очекувања не смеат и нема да играат никаква улога“.

Griechenland türkische Ex-Militärs vor dem Obersten Gericht in Athen
Осуммина турски офицери пребегаа во ГрцијаФотографија: Getty Images/AFP/A. Tzortzinis

Грчкиот министер за одбрана Панос Каменос поаѓа од претпоставка дека бројот турски офицери кои побарале азил во Европа, е уште поголем. „Барање за азил имаат доставено преку 400 турски воени лица“, изјави тој за грчката телевизија Скај денеска. Тој се повикува на информации од кругови на НАТО во Брисел.

Турската влада веќе ѝ се закани на соседната Грција со консеквенции откако Врховниот суд на Грција во четвртокот отфрли екстрадиција на осуммина турски офицери. Тие во јули 2016. година, по неуспешниот обид за пуч во Турција, со хеликоптер пребегаа во Грција и таму поднесоа апликации за азил.

Анкара ги смета офицерите за пучисти и не ја прифаќа судската одлука. Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу се закани со откажување од бегалскиот договор со ЕУ и од билатералниот договор за реадмисија со Грција поради спорот околу офицерите.

Двајца од нив за АРД и „Шпигел“ тврдат дека немаат никаква врска со обидот за пуч, но без оглед на тоа во Турицја им се заканува одење во затвор и можеби мачења. Офицерите го обвинуваат турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за систематско истиснување на прозападните и секуларни ставови меѓу Турците во војската. Турската влада за обидот за пуч го обвинува проповедникот Фетула Ѓулен и неговите приврзеници. Од летоска наваму во Турција под тоа обвинение се уапсени илјадници луѓе, меѓу кои и илјадници војници.