Туризмот во Турција само со гребнатинки
22 јули 2017Обид за пуч, опасност од терористички напади и постојани вербални кавги меѓу турските и германските властодршци - кој во вакви услови би сакал да патува во Турција? Изненадувачкиот одговор гласи - многумина! Турското министерство за култура и туризам неодамна го претстави пролетниот извештај. Заклучокот е дека во април 2017-та, за првпат по 2015-та, повторно имало зголемен број туристи во земјата. Во споредба со почетокот на годината, нивниот број е поголем за 20 проценти.
Покрај Русите, традиционално мнозинството туристи се пред сѐ Германци. „Особено семејствата сакаат да одмораат 'all inclusive' на турската ривиера и на брегот на Егејот“, прецизира за ДВ Торстен Шефер од Германскиот туристички сојуз. Хотелиерите во изминатите години многу инвестираа во изградбата на вакви објекти. Покрај тоа, и државата помогна во изградбата на туристичката и ја подобри и сообраќајната инфраструктура."
2016 - кризна година
Туристичката бранша е важен економски фактор во Турција. Традиционално, браншата која донесува 13 проценти од брутодомашниот производ е стабилен извор на приходи. Тоа се смени минатата година: прво се случија нападите на почетокот на годината во Истанбул, во кои загинаа и Германци, а потоа се случи и пучот во јули истата година.
Туристичката бранша претрпе шок, приходите се намалија за над 40 проценти. Во 2016 година во Турција летуваа околу 4 милиони Германци. Во споредба со рекордната 2015-та, нивниот број беше намален за речиси 2 милиона.
Поволни понуди: трендот е растечки
Годинава туризмот почна да се опоравува. Претседателот на Русија, Владимир Путин, уште минатата година ја укина краткорочната забрана за чартер летови за руски авиони кон Турција. Оттогаш до пролетва, бројот на руски туристи се зголеми петкратно.
Со почетокот на летниот распуст во неколку сојузни покраини се зголемува и бројот на германски туристи во Турција. Особено кај оние кои одлучуваат во последен момент Турција се покажала како тренд-дестинација.
Причина за ова се секако и ниските цени. Шефер не сака да ги оквалификува како „дампинг цени“. Повеќе сака да зборува за тоа дека покрај „секогаш добриот сооднос меѓу цената и понудата, во моментов се понудени и многу атрактивни цени од страна на туристичките агенции.“
Мерки на претпазливост
Дали најновите заострени мерки на претпазливост, кои германското Министерство за надворешни работи ги објави пред два дена, ќе променат нешто во желбата за летување во Турција? Раководителот на туристичкиот оператор ФТИ, Ралф Шилер, вели дека засега нема поголемо намалување на резервациите. „Сметаме дека ефектите (од најновите мерки на германските власти, н.з.) ќе бидат ограничени“, оценува Шилер. Тој додава дека кај муштериите засега не е забележлива некоја поголема вознемиреност.