1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тупурковски: Глигоров беше нерешителен за признавањето на Македонија

2 август 2011

Васил Тупурковски, некогаш најголемата надеж на ексјугословенската и македонската политичка сцена во интервју за Дојче веле говори за распадот на Југославија, самостојноста, името, грешките и ветувањата.

https://p.dw.com/p/129QO
Васил ТупурковскиФотографија: DW/Stojanovski

Професор Васил Тупурковски, најмладиот доктор на правни науки на екс-југословенските простори, од најперспективен политичар стана најконтроверзен со своите постапки во време на распадот на Југославија и самостојноста на Македонија. Сега смирен и повлечен под дебелата сенка на култното собиралиште на Драмски театар, со единствената јавна функција - претседател на Олимпискиот Комитет, тој, за ДВ, со саморецензија или оправдување на своите постапки и погледи.

„Никогаш не бев лажго и авантурист“

„Противниците упорно и успешно ги пласираа тезите дека јас сум авантурист, дека само лажам, а всушност секогаш го одржував зборот, па и тогаш кога ја имав власта, а се повлековме од владата на Георгиевски во 2000–та, зашто предизборно ветивме дека ќе заминеме ако по две години ДА не покаже економски резултати“.

Тупурковски распадот на Југославија го следеше од нејзиниот политички епицентар во Белград, но и меѓу креаторите на светската стратегија. Како член на Претседателството, колективен шеф на државата, познатиот Циле или се соочуваше со национализмот на Слободан Милошевиќ, или се обидуваше да ги доведе светските фактори како посредници во мирното раздвојување.

„Во време на криза судирот меѓу националното и либералната демократија и пазар е небитен за народите кои се индоктринирани со идејата за национални држави и стремежи“.

По војната во Словенија, Тупурковски се присетува дека во ЕК со Делероа се водеа разговори за членство на Југославија во Унијата и затоа се‘уште му се даваа шанси на реформскиот курс на последниот југо-премиер Анте Марковиќ, што една деценија потоа токму Циле ќе го донесе во Скопје како владин советник на премиерот Љубчо Георгиевски.

„Заедно со тогашниот премиер Анте Марковиќ и шефот на дипломатијата Будимир Лончар ние водевме преговори за влез на Југославија во ЕУ, чија делегација ја предводеше Делероа и затоа дојде поддршката кон тогашната сојузна влада која успеа да ги намали долговите кон странство и да се гледаат првите резултати од општествената и економска трансформација со радикален пораст на животниот стандард“.

Глигоров доцнеше

Но кога веќе беше извесно дека федерацијата се распаѓа се чини дека македонскиот врв задоцни во постапките за меѓународно признавање. Според Тупурковски, Македонија, иако приклештена од Лисабонската декларација од 92-та за задничка надворешна политика на ЕУ, на патот кон свое итно меѓународно и дипломатско етаблирање, како независна земја, не искористи две одлични шанси. Првата, писмото на американскиот претседател Буш постариот кој таа година најави дека САД се подготвени да ја признаат независноста на Македонија, а потоа средбата Глигоров-Гали во ОН.

Skopje Zentrum
Фотографија: DW

„И сега стојам на веќе изнесениот став дека во дејствувањето на првиот претседател Глигоров имаше многу позитивни одлуки, но и штетни последици поради неговата нерешителност. Во Њујорк каде се организираше средба со генералниот скеретар на ОН, Бутрос Гали, каде правно беше се‘ подготвено за да се зачлени Македонија во Светската организација, македонскиот претседател, од нему само познати причини, не го ни отвори прашањето за прием, вели Тупурковски.

По тоа разделување од Глигоров, Циле во Скопје на два пати го навлече гневот на првиот претседател. Најпрво со пренесувањето на пораката од австрискиот министер Мок дека за промена на името Македонија и додавка кон уставното, би можела да кешира околу една милијарда долари економска помош од Запад. По таа 93-та, шест години потоа, со признавањето на Тајван, повторно промовираше политичко-економска компензација во надворешната политика, овој пат преку ветените милијарди долари инвестиции во слободните економски зони во Македонија, што би дошле од Далечниот Исток.

Компромис за името во замена за ЕУ

„Штом се вратив од Виена јас на Глигоров веднаш му ја пренесов понудата – компромис околу името со Грција, гарантирана финансиска помош од ЕУ и членство во неа, веројатно со другите десет источноверопски земји, што значи нема да заостаневме како сега. Но наместо дебата за овој предлог од меѓународната заедница, против мене беше организирана медиумска хајка за велепредавство на националните интереси“.

Откако ја формираше Демократската алтернатива, по победата на парламентарните избори 1998, Циле обезбеди признавање на Тајван, по што следуваше прекин на дипломатските односи со Пекинг иако Кина ја призна Македомнија под уставното име. Но професорот Тупурковски и денес вели дека биле свесни дека ЕУ не го признава Тајван и дека штом Македонија стане членка ќе мора да ја поништи одлуката, но во таа декада на тајм-аут можеше да се направи пресврт во економските инвестиции. Впрочем премиерот Груевски со слободните економски зони и субвенциите за развој на аграрот, го пресликал концептот на ДА, вели нашиот соговорник.

Тој припаѓа на семејство Македонци во Егејскиот дел. На самиот старт од независноста, беше на граничните барикади кон Грција, во знак на протест за малтретирањето на „Егејците“ , пасошките блокади од властите во Атина и неможност за нивно враќање во родните краеви и имотот што го оставиле по најголемиот егзодус во Европа 48-49 - та. Денес, тој е категоричен, без решение за името, нема евроатлански инеграции, нема права за Македонците од Егејскиот дел.

Поголеми права за Албанците

Тупурковски, кој прв во 93-та заговараше нов историски договор со Албанците во Македонија, вели:

„Останува историскиот хендикеп дека ние, Македонците, можеме да дозираме колку права и какво образование може да имаат Албанците во земјата. Затоа и го предлагав историскиот договор со нив, осум години пред воениот конфликт. Ние без права на Албанците не може да бараме заштита на македонското малцинство во соседството“, истакнува Тупурковски.

Mazedonien - Land und Leute
Фотографија: DW

По пет години „активно политичко пензионерство“, Васил Тупурковски ја формира Демократска Алтернатива и по неполни шест месеци 98-ма, со освоените 150 илјади гласови како трета опција, го донесе на власт Љубчо Георгиевски, со коалицијата „За промени“.

Политичката кариера на Васил Тупурковски, како што метеорски стартуваше, така и згасна. По само две години владеење ги повлече министрите - алтернативци од владата, исполнувајќи го изборното ветување дека ќе ја напушти ако нема економски реформи.

„Јас сум единствениот политичар кој го одржа зборот иако можевме да останеме во владата. Денеска лидерите и по загубените избори не сакаат да се повлечат“, коментира Тупурковски. Тој не успеа да се договори со СДСМ за парламентарен пуч против тогашниот премиер Георгиевски, а неговата ДА згасна и по неуспешниот обид да се избори за претседателски наследник на местото од Киро Глигоров.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска