1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Дигитален свет

Тужба против Фејсбук поради монопол

Рајнхард Клебер
10 декември 2020

Американската Сојузна трговска комисија (ФТЦ) и 48 сојузни држави во САД го тужат Фејсбук за прекршување на правилата за слободна конкуренција.

https://p.dw.com/p/3mWem
USA Symbolbild Facebook
Фотографија: Getty Images/AFP/J. Edelson

Тужителите му префрлаат на концернот дека со својата доминантна позиција на пазарот спречува слободна конкуренција и дека илеално создал монопол. Притоа под лупа се ставени, меѓу другото, преземањето на Инстаграм од страна на Фејсбук во 2012 година и на Ватсап во 2014 година. Американските сојузни држави сакаат да постигнат овие преземања да бидат прогласени за илегални.

ФТЦ го обвинува Фејсбук дека со вакво купување следи „систематска стратегија“ на исклучување на заканите по сопствениот монопол. Застапникот на ФТЦ, Иан Конер, изјави: „Наша цел е ... повторно создавање на конкуренција, за повторно да владеат иновативност и слободна конкуренција.“

Повеќе: „Сајбер бароните“ од Фејсбук, Амазон, Епл и Гугл на сослушување

Њујоршката обвинителка Летиција Џејмс објасни: „Фејсбук го искористи својот монопол за да ги уништи помалите ривали и за да ја згасне конкуренцијата, сето тоа врз грбот на секојдневните корисници.“ Тужбата, вели таа, треба да е јасна порака до Фејсбук и други компании дека со сета сила ќе се постапува против обиди за гушење на конкуренцијата, за спречување на иновациите, како и за заштита на приватноста.

Моќната позиција на големите интернет-концерни во САД веќе извесно време е предмет на критика. ФТЦ годинава најави дека сака да ги стави под лупа интернет и технолошките џинови Амазон, Епл, Фејсбук, Мајкрософт и концернот мајка на Гугл, Алфабет.

ПовеќеЌе оди ли Гугл по патот на Мајкрософт?

Онлајн „тешкашите“ долго време се лабаво регулирани на домашниот пазар во САД. Но, во последно време, расположението се менува. Ова е втора тужба на американската влада против голем интернет концерн во рок од неколку месеци. Во октомври сојузната влада и 11 сојузни држави го зедоа во визир Гугл. Тие обвинуваат дека Гугл на илегален начин ја штити доминантната позиција во пребарувањето на интернет и со тоа поврзаното рекламирање. Концернот ги отфрла обвинувањата. Правни експерти се сомневаат дека тужбата ќе има успех, зашто, меѓу другото, треба да се докаже дека американските потрошувачи претрпеле штети поради монополското однесување на Гугл. .