Тројца Германци непожелни во Пешавар
24 јануари 2012Според извештаите на медиумите, тројца Германци на кратко беа уапсени во Пешавар, Пакистан, во саботата, бидејќи беа осомничени дека се агенти со германската тајна служба БНД.
Полицискиот службеник Миан Саед и’ изјави на германската новинска агенција ДПА дека тројцата, од кои еден е полковник, биле уапсени кога одбиле да и' дадат информации на полицијата за нивниот легален статус. На странците им се потребни специјални визи за одредени области од Пакистан, а според интернет изданието на германскиот магазин „Дер Шпигел“, тројцата немаале такви визи.
„Тие биле дел од неовластена канцеларија за врски на германската амбасада“, изјави Саед, кој работел за тајната служба, што сега е запечатена од полицијата.
Неименуван разузнавач изјавил за ДПА дека Германците всушност биле тајни агенти кои се претставувале како хуманитарни работници за Германската агенција за меѓународен развој.
Од агенцијата за Дојче веле изјавија дека тројцата не биле нивни вработени и дека возилото и визит картите што ги користеле со логото на агенцијата не биле обезбедени од организацијата за развој.
Германците „не се приведени“
Германското МНР потврди дека инцидент се случил во Пешавар и дека во него биле вмешани тројца луѓе поврзани со германската амбасада во Исламабад, како и дека го напуштиле Пешавар на барање на пакистанските власти. Од германското МНР за Дојче веле истакуваат и дека случајот се истражува и оти, спротивно на новинарските извештаи, немало апсења.
„Различни извештаи за апсење не можат да се потврдат. Никој не е приведен“, велат од германското МНР.
Авганистанскиот експерт во германската тинк-тенк организација „Фондација за науки и политики“ Нилс Вермер верува дека извештаите за тројцата што прикриено работеле за БНД звучат веројатно, но и дека „може само да се шпекулира што точно тие правеле таму“.
Талад Масод, пакистански генерал во пензија, кој сега работи како аналитичар за политика и одбрана, вели дека вестите за апсењето на тројцата Германци за него дошле како изненадување.
„Ако пакистанската тајна служба не знаела дека тие работеле таму, тогаш очигледно се создава сериозен проблем, во смисла дека тие правеле нешто слично на она што го правеа Американците“, изјави Масод.
Талибански преговори
Членовите на западната коалиција работеа напорно да покренат мировни преговори со Талибанците пред да се повлечат НАТО силите во 2014-та од воено поделениот Авганистан. На почетокот од годинава беше договорено за таа намена да се подготви канцеларија во Доха, а специјалниот претставник на САД Марк Гросман кон крајот на минатата недела отпатува во Кабул за да зборува со претседателот Карзаи за прелиминарни преговори со Талибанците.
Масод верува дека инцидентот од саботата може да биде поврзан со тоа. „Тие можеби работеле во насока на правење некои контакти со Талибанците во Авганистан, бидејќи мислат дека тие имаат соговорници во Пакистан, кои би комуницирале со нив“, вели Масод.
Интересите на Пакистан
Ако тројцата Германци навистина работеле за германската тајна служба, тоа може да ги наруши односите со Пакистан.
„Не е во интерес на Пакистан да биде поставена канцеларија таму некаде во некоја арапска земја, пример како таа во Доха, за разговори меѓу САД и Талибанците. И дефинитивно не е во интерес на Пакистан европските земји да имаат скриени агенти кои подготвуваат разговори на нивна територија“, рече Вермер.
Пакистан примени мерки за да покаже мускули по нападот од страна на НАТО во кој беа убиени 24 пакистански војници, или прикриената операција на САД за убивање на Осама бин Ладен. Една таква мерка беше блокадата на авганистанската граница за камините на НАТО, но и бојкотирањето на конференцијата за Авганистан во Бон. Пресметката со можните странски агенти би можело да биде следна мерка.
Автор: Сара Бернинг / Александар Методијев
Редактор: Александра Трајковска