Тркалото на македонската криза расте побрзо од Панорамското
5 јули 2016Во време кога се кратат средствата од ИПА-фондовите за Македонија, кога се прави ребаланс на домашниот буџет преку кратење трошоци за капитални инвестиции, и кога Владата преку еврообврзница повторно ќе се задолжува на странските пазари, две нешта се константни во владините политики: натамошни трошења од буџетот за изградба на барокни фасади и продолжување со изградбата на Панорaмското тркало во Вардар. Економистите со кои разговараше ДВ велат дека е излишен секаков коментар за ваквиот апсурд.
„Нема никаква економска логика во ваквите потези, но уште пострашно е што нема 'освестување' дека кризата галопира и дека нејзиното тркало побрзо ќе порасне и побрзо ќе врти од Панорамското. Зошто европските даночни обврзници да даваат свои пари за капитални проекти во Македонија, кога гледаат дека парите од македонските даночни обврзници неодговорно се трошат за глупости - за тркала и фасади“, велат тие, потенцирајќи дека со тоа се потврдува јавашлакот, недомаќинско работење и неодговорниот однос кон помошта од европските фондови.
Но и покрај реакциите во јавноста, без прекин продолжува изградбата на Панорамското тркало, проект кој ќе голтне 18 милиони и 940.000 евра од буџетот и кој е за осум милиони „поевтин“ од ИПА - средствата кои ЕК ѝ ги скрати на Македонија (27 милиони евра). Притоа, со градежните активности за тркалото веќе е уништен и голем дел од градската плажа за која досега беа потрошени 379.113 евра. Опозицискиот СДСМ побара да запре изградбата на Панорамското тркало и парите да се инвестираат за гасификација, ако се има предвид дека со ребалансот на буџетот се кратат други значајни ставки - буџетот на Министерството за здравство се намалува за 9,4 милиони евра, на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и рурален развој 15 милиони евра, на железничката инфраструктура за над 21 милиони евра. Но, власта не се откажува од изградба на тркалото.
Премија за ризик
„Штетите ќе бидат големи“, велат економистите. Поради домашната нерационалност во трошењето се кратат средствата од ИПА-фондовите, а тоа ќе има директни, но и индиректни ефекти. Кои ќе бидат поголеми - го прашавме професорот д-р Зоран Ивановски.
„Нема сомнение дека европските фондови се значајна ставка за буџетот, но и пошироко за развојот на националната економија, така што директните ефекти од нивното кратење ќе значат пониско ниво на акумулација расположлива за инвестирање. Сепак, индиректните негативни ефекти се многу потешки. Со кратењето на ИПА - фондовите недвосмислено се сигнализира за високо ниво на недоверба кон Владата во однос на транспарентноста и отчетноста во управувањето со јавните фондови добиени од буџетот на ЕУ, се потенцираат сомневањата за корупција и високо ниво на субјективизам во распределбата на ресурсите и слично. Со тоа во крајна линија се создава прецепција за повисоко ниво на ризик на земјата, кое во финансиска смисла значи и поголема премија за ризик - т.н. country risk premium. Поедноставно кажано, тоа значи повисок трошок на капитал или повисока каматна стапка на задоложувањата од странство, повисока барана стапка на принос која ја очекуваат странските инвеститори кога донесуваат одлука за инвестирање во Македонија“, објаснува Ивановски.
Следствено на тоа, натамошните задолжувања ќе бидат со повисоки каматни стапки, заради порастот на ризичноста на земјата, како резултат на повеќе причини и не само поради продолжената политичка криза, туку и зголеменото ниво на јавен долг и послабите фундаментални параметри за движењето и резултатите на националната економија.
„Основен сооднос во финансиите е односот ризик-принос, односно колку е повисоко ризикот, повисок е очекуваниот принос. Зголемената ризичност на националната економија, но и самата перцепција (сентимент) на инвеститорите за нивото на ризик ќе влијае на покачување на трошоците на идните задолжувања на државата. Со тоа негативно ќе се влијае на нивото на стапките на развој, и во крајна линија на нивото на животен стандард на граѓаните во Република Македонија“, вели Ивановски.
Сламка за давеникот
На третиот самит за Западен Балкан што се одржа вчера во Париз, беше соопштено дека Европската Унија ќе даде 146 милиони евра за транспортни, енергетски и зелени проекти за земјите во регионот - Србија, Албанија и Косово, но меѓу нив не беше спомната Македонија. Аналитичарите и експертите во тоа препознаваат „втора опомена“ од ЕУ за Македонија. Но, засега ја анализираат првата.
„Со кратењето на дел од средствата од ИПА фондовите и со исклучување на можноста за нови проекти засега, ЕУ jа изрече првата и јавна опомена против режимот на Груевски“, вели Кире Наумов, поранешен дополнителен заменик-министер во ресорот финансии.
„Точно проценувајќи дека оваа власт со години е глува, нестручна и неспособна да ги искористи средствата од ИПА - фондовите во полза на граѓаните на Република Македонија, ЕУ му упати директна порака на Груевски. Само еден ден порано имавме известување дека ММФ, за првпат откога воопшто е отворена канцеларијата во Македонија, ќе ја остави истата без резидентен претставник. Чекорите кои ги преземаа и ЕУ и ММФ последниве денови се посебно важен сигнал кој се испраќа кон евентуалните купувачи на еврообврзницата што ја најави Груевски“, оценува Наумов.
Според него, низата необмислени чекори на Владата, меѓу кои и ненадејната оставка на поранешниот министер за финансии, како и ребалансот на буџетот со дефицит кој сигурно ќе надмине и 4% од БДП, дополнително го зголемуваат ризикот за евентуалните купувачи на оваа еврообврзница.
„Зголемениот ризик, ќе влијае врз зголемување на каматна стапка за еврообврзницата, или како што новиот министер за финансии сака да ја нарече - странски капитал. Но, веќе не е новост дека оваа Влада не се грижи колкава камата ќе треба да плати за да се задолжи, затоа што за нив еврообврзницата е единствениот излез во овој момент. Тоа е последната сламка за која Владата во давење може да се фати, и по секоја цена ја бутка земјата кон ново и скапо задолжување за да може да се купи некој глас повеќе пред избори. Иако, сега е прашање дали воопшто некој од надвор ќе има интерес да се појави како купувач на таа еврообврзница“, скептичен е Наумов.
Нова одбрана на ГТЦ
Но, она за што не постои сомнение, е дека буџетските пари и натаму ќе се трошат за нови фасади во барок или неокласицистички стил. Владата во „Службен весник“ веќе ја објави одлуката за продолжување на постапката за реновирање на Градскиот трговскиот центар (ГТЦ). За да може Владата да ја спроведе таа постапка врз ГТЦ, но и врз објектите на Македонската опера и балет (МОБ) и на Универзитетската библиотека, од „објекти на културно наследство“ нив ги прогласи за „објекти од посебен интерес“, со што општината Центар ги изгуби сите ингеренции, а власта системски ги отстрани сите легални препреки за реализација на нејзините планови. Поради ваквата одлука, од иницијативата „Го сакам ГТЦ“ ги повикаа сите нивни поддржувачи во среда да се приклучат на протестот на „Шарената револуција“.
„Оваа Влада е целосно исклучена од реалноста. Дента кога ЕУ ги блокираше ИПА-фондовите и блокираше големи инфраструктурни проекти како автопатот кај Демир Капија и пругата кон Бугарија, тие и ги одземаа надлежностите на општина Центар за да потрошат нови десетици милиони евра на уништување на културно наследство. Со оваа влада нема разбирање, а 'Скопје 2014' може да се спречи само ако Владата падне. Покрај правда и слобода, од улица да се избориме и за нашиот ГТЦ!“, се вели во повикот.