Триумфалното враќање на Трамп
25 февруари 2017Американскиот претседател Доналд Трамп меѓу другото го искористи големиот собир на конзервативците ЦПАЦ (Conservative Political Action Conference) за да ја засили својата критика кон медиумите, посебно поради тоа што користат анонимни извори.
На новинарите „не би требало да им биде дозволено да користат извори освен ако не користи нечие име“, рече Трамп, неколку часа откакако членови на неговиот тим дадоа изјава за новинарите без одобрение да се наведат нивните имиња.
На најголемиот собир на американските конзервативци, Трамп рече оти тој не е против сите медиуми, туку само против „медиумите или печатот кои пренесуваат лажни вести“.
Настапот на Трамп на ЦПАЦ е триумфално враќање на собирот откако пред 6 години беше исвиркан кога за првпат се појави на годишната конференција на конзервативците. Овој пат наиде на добредојде од присутните кои ја поздравија критиката кон мејнстрим медиумите. По критиките кон медиумите, Трамп зборуваше за своите планови, ветувајќи важни чекори кон новиот закон за здравствена заштита, трговијата, енергетската политика и други теми.
„Едно по едно, ние ги исполнуваме ветувањата кои им ги дадовме на американскиот народ. Нема да ве разочарам“, рече Трамп.
Трамп зборуваше за системот на здравствена заштита кој го воведе претходниот претседател Барак Обама дека се заканува да донесе „целосна катастрофа“ и повторно вети оти ќе го укине и замени Обамакер.
Конзервативците не ги делат секогаш ставовите на Трамп, но се среќни дека во Белата куќа се наоѓа претседател кој е на нивна страна.
„Добро е чувството оти нашата земја ја води некој кој знае како се води“, рече Мат Шлап, претседател на Американската конзервативна унија која го организира ЦПАЦ.
Пред 6 години, кога за првпат се појави на ЦПАЦ, во салата ечеше „пари, пари, пари“, додека за време на неговиот говор се слушаше потсмев и неодобрување. Само пред една година тој истотака беше непосакуван учесник на конференцијата и мораше да издржи многу критики од конзервативците.
Сега околностите значително се променија и Трамп е првиот претседател кој дошол на ЦПАЦ во првата година од мандатот уште од Роналд Реган во 1981. година.
Настапот на Трамп, меѓутоа, многу потсетуваше на неговата предизборна кампања.
Тој го повтори ветувањето дека ќе изгради ѕид на границата со Мексико и ја критикуваше својата демократска ривалка на изборите, Хилари Клинтон, на што присутните извикуваа „Уапси ја“, како што впрочем скандираа и неговите симпатизери на предизборните собири.
Бината ја напушти со песната на Ролинг стоунс „You Can't Always Get What You Want" која ја користеше и на предизборните собири. Планирано беше обраќањето на Трамп да трае 15 минути меѓутоа на крајот тој говореше цели 40 минути.