Трајанов: Пасошката афера ќе предизвика тектонски потреси
8 април 2021Повеќе од извесно е дека аферата со издавање фалсификувани пасоши ќе има тектонски раздвижувања од пошироки размери и во нејзиното расчистување ќе се вклучат и најразвиените и моќни разузнавачки служби, смета поранешниот министер за внатрешни работи и лидер на владејачкиот Демократски Сојуз, Павле Трајанов.
„Издавањето на пасоши на нарко босови и лица опасни по безбедноста на други држави, ќе се одрази на меѓународниот углед на Македонија, на третманот во НАТО, како и на евроинтеграциските процеси. Подолго време иницирам да поминат низ ‘сито’ сите вработени во МВР и во другите безбедносни служби. Во АНБ тој процес е при крај. Без кадровско прочистување и натаму ќе се загрозува националната безбедност, особено ако во витални сектори во безбедносните служби работат лица без целосни безбедносни проверки согласно со стандардите на НАТО", потенцира Трајанов.
Дали е ова само врв на ледениот брег? Во февруари годинава МВР до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против 36 лица, од кои осум вработени во МВР, бидејќи фалсификувале возачки дозволи за потребите на лица кои немаат положено возачки испит. Фактот дека овој случај воопшто не го вклучил алармот кај нивни колеги кои работеле на друга „проблематика“ - фалсификување патни исправи, говори дека тие се чувствувале сосема комотни да продолжат со незаконските активности. Од каде чувството дека некој ништо не им може?
„Партиите треба да се откажат од патерналитетот над кадрите кои со списоци ги вработувале, и да не го условуваат опстанокот на Владата и министрите со амнестија на нивните криминални кадри“, вели Трајанов.
Покрај безбедносниот аспект, ова нѐ враќа и на вечната тема „реформа на јавната администрација“, која никако да започне, но и на фактот дека позитивната дискриминација при вработувањето редовно замижува пред мерит-системот, во интерес на етничките квоти предвидени според принципот на соодветна застапеност.
Ќе има импликации
Досега за акцијата нема никаков одглас од Амбасадата на САД во Скопје, чија регионална канцеларија за безбедност и истраги беше спомната од министерот Оливер Спасовски, во функција на „поддршка на истрагата“ за случајот „Двојник“.
Безбедносни експерти со кои разговараше ДВ, велат дека комплетните импликации од овој случај ќе бидат познати кога ќе се знае профилот на сите лица што добиле пасоши со туѓ идентитет.
Повеќе на темата:
Лажен идентитет за 20 илјади евра – како функционирала групата која „штанцала“ пасоши
Пасоши за мафијаши: Осомничените купувале скапи возила и недвижности
МВР со детали: Како се издавале македонски пасоши со лажен идентитет
„Во јавноста засега се вртат четири имиња од 215 случаи. Воопшто не го знаеме профилот на другите лица кои добиле патни исправи. На пример, не знаеме дали добивале пасоши и повратници од боиштата на Блискиот Исток. Импликации секако ќе има, но нивната, и поединечна и вкупна закана за безбедноста, може да се одреди кога ќе ги знаеме сите податоци“, вели нашиот соговорник.
На домашен терен веќе е испорачана една политичка „фактура".
„Со колку сведоци добиле државјанство овие 214 криминалци? Како може да поминат низ филтрите на МВР без да бидат прогласени опасни по државата? Дали тие се опасност за државата или опасност се стари лица над 80 години, за кои бараме да добијат државјанство“, прашаа од Алијанса за Албанците.
Со ова од партијата алудираа на предлозите за докажување државјанство со сведоци содржани во нивниот предлог-закон кој Владата не го прифати, па сега е неизвесно дали во претстојните разговори со премиерот Заев ќе го користат скандалот со фалсификуваните пасоши за да ја засилат нивната аргументација во одбрана на партискиот предлог-законот за државјанство.
Комплетен ремонт
Во меѓувреме, рефлекторите остануваат свртени кон МВР, не само поради актуелниот случај, туку и поради многу незавршени домашни задачи.
„Пасошите со позајмен идентитет само потврдуваат дека системските и непосредните контроли затаиле, дека во фалсификатот учествувале повеќе лица, дека имало постредници итн. Зошто досега не се проверија и фантомските гласачи сo креирани единствени матични броеви, издадените државјанства и лични карти“, прашува Трајанов.
Партијата што тој ја предводи, Демократски сојуз, вчера предложи да се изврши целосен кадровски ремонт: безбедносни проверки за сите вработени во МВР и другите безбедносни сектори, тест за интегритет, здравствената способност, проверка на имотната состојба и досегашната работа и резултатите од работата. ДС смета дека треба да им се забрани членување во политичка партија на припадници на службите за безбедност, да се зајакне раководниот тим во МВР со врвни професионалци, да се имплементираат контролни механизми во работата на сите сектори. Партијата бара да се направи ревизија на издадените државјанства, на внесените единствени матични броеви, впишувањата во матичните книги на родените, издадените лични карти, возачки и сообраќајни дозволи, дозволи за поседување и носење оружје, како и за издадени обични, дипломатски и службени патни исправи.
Од ДС реагираат што повеќе од 20 години селекцијата за прием во безбедносните служби ја прават партиите и се доминантни при конечната одлука за вработување, без да се почитуваат цврстите критериуми и други параметри клучни за конечната оценка - дали некој може да биде дел од највиталните институции во државата. „Изостануваат контролни механизми во работата на овие сектори и служби, а присутно е и одлевање на класифицирани информации до криминалните групи, бизнисмени, а најмногу до политичките партии", реагираше ДС.
Партијата предложи за состојбите во МВР и во другите безбедносни служби да се отвори расправа и во Собранието.