1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Транспарентноста расте, но плафонот не е достигнат

12 јуни 2019

Трета година по ред проактивното објавување информации на министерствата е во пораст, а општините за првпат бележат подобрување, покажуваат податоците на Центарот за граѓански комуникации.

https://p.dw.com/p/3KCo4
Mazedonien Regierungssitz in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Процентот на исполнетост на обврските за проактивно објавување на информациите кај 97 институции изнесува 56% од можни 100%, и е зголемен за 12,5 процентни поени во однос на лани кога просечно изнесувал 43,5%. Овие податоци ги презентираше Центарот за граѓански комуникации, кој го објави рангирањето на институциите според Индексот на активна транспарентност, односно проактивното објавување информации од јавен карактер, во кое се вклучени сите министерства, Владата и општините.

Според Центарот за граѓански комуникации, „активната транспарентност на министерствата и на општините и во 2019 година останува на ниско ниво, иако е порасната во однос на лани“.

„Трета година по ред проактивното објавување информации на министерствата е во пораст и тие се значително подобри од општините, кои по двегодишно влошување првпат бележат подобрување во активната транспарентност. Просечната активна транспарентност на министерствата изнесува 77,6%, додека на општините 51,7%“, соопштуваат од ЦГК.

Според податоците, Битола и годинава го задржала севкупното прво место од лани, додека од министерствата годинава најдобро било рангирано Министерството за земјоделство. Во однос на регионите, Источниот Регион му го земал ланскиот примат на Пелагонискиот, а Скопскиот Регион паднал на последното место.

Mazedonien  Bitola
БитолаФотографија: picture-alliance/dpa/R. Kaufhold

Според ЦГК, и министерствата и општините најмалку информации објавувале за финансиите: министерствата 57%, а општините само 26% од информациите што треба да ги објавуваат. Во однос на одговорот на барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер, кои им биле испратени на сите во ист ден и со иста содржина, општините одговориле во просек за 21 ден (лани за 20 дена), а министерствата за 34 дена (лани за 41 ден). Но, за разлика од лани кога одговориле сите институции, годинава дури 12% од институциите не одговориле на барањата.

Поголема транспарентност - задоволни граѓани

Од Владата се задоволни од растечкиот тренд на транспарентноста. 

„Се поголемата отвореност и транспарентност значи поуспешни институции и позадоволни граѓани“, изјави премиерот Заев во синоќешното гостување на ТВ „24“.

Тој потсети дека Владата лани била на рангирана на прво место според транспарентност меѓу земјите од регионот, за разлика од претходната која била на последното место. 

Повеќе:

-Граѓаните мора да знаат како се трошат народните пари!

-Новинарите до Владата: За транспарентност е нужна волја, а не опрема!

Mинистерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, потенцира дека зголемената транспарентност штеди пари, а како пример ја посочи заштедата од околу 100 милиони евра до која се дошло токму преку јавните и транспарентни постапки во тендерските процедури.

„Нашите политики се на увид на граѓаните и граѓаните точно знаат што работиме и како работиме. Како Влада присутни сме секаде каде што сме поканети да одговориме на секое можно прашање. Клучно е тоа што средствата на граѓаните кои ги троши оваа влада - се на нивен увид“, рече Поповски.

Според него, како резултат на отвореноста на институциите, повеќекратно е зголемен и бројот на истражувачки стории во медиумите, што говори дека изворот на информации е достапен и отворен. 

Symbolbild Pressefreiheit in Georgien
Фотографија: DW

Први во регионот

Ланското истражување „Action SEE – Одговорност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа“ со кое се мери отвореноста и транспарентноста на институциите во Албанија, БиХ, Косово, Македонија, Србија и Црна Гора, покажа водство на Македонија во регионот. Според истражувањето, индексот на отвореност на македонската Влада значително се зголемил на 75.61 проценти во споредба со претходните 52,34 проценти, кога таа била на последното место меѓу владите на земјите опфатени со истражувањето. Најголем напредок бил забележан во индикаторот за свесност, 99.88 проценти, што се оценувал преку стратегиските документи, мисиите, визиите и годишните извештаи. Видлив прогрес имало и во пристапот до информации, 77.27 проценти, што опфаќа јавни консултации, слободен пристап до информации од јавен карактер, пристапност на процедурите и објавување извештаи, како и во индикаторот за Интегритет на институцијата, 77.89 отсто, а подразбира етички кодекси, конфликт на интереси, антикорупциски мерки и добро управување. Напредок од 69.13 отсто имало и во индикаторот за транспарентност на буџетот, потрошените средства, јавните набавки, анекси на договори, органограми и систематизации.

„Наша цел не е да се споредуваме само со земјите од регионот, туку и со земјите-членки на ЕУ“, изјави министерот Поповски.