1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трансатлантски (не)пријатели

Матијас фон Хајн
17 февруари 2020

Пријател или непријател? Статусот на врската е комплициран! На конференцијата за безбедност во Минхен беше премногу воочливо колку е длабок јазот помеѓу партнерите од двете страни на Атлантикот, смета Матијас фон Хајн.

https://p.dw.com/p/3XsSs
Deutschland Symbolbild Pompeo und Maas
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Sohn

Работите долго крчкаа. Сега длабоките пукнатини во трансатлантските односи се видливи како никогаш досега. Репликата на министерот за надворешни работи на САД, Мајк Помпео, на говорот на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер на отворањето на конференцијата покажува дека Европа, или барем Берлин, и уште повеќе Париз, се оддалечени од ставовите на Вашингтон како никогаш претходно.

Кина како олицетворение на непријател

Изненадувачки големата американска делегација со оглед на фактот дека САД се во изборна година, сериозно се потруди да ги затвори јазовите на двете страни од Атлантикот, притоа на јасна дистанца од ставовите на владата на Доналд Трамп. Конгресот и владата сепак се поклопуваат во една точка: новото олицетворение на непријател е Кина. Во однос на неа, барем така се надеваат, можеби Европејците и Американците повторно би можеле да се сосредоточат на заедничките точки. Во секој случај, речиси и да немаше средба, панел или говор во кој од американска страна не беше споменат претстојниот развој на 5Г комуникациската инфраструктура, вклучително и силните предупредувања против вклучување на кинескиот производител Хуавеи. При сите оправдани задршки, перманентно кренатиот прст има контраефект.

DW Kommentarbild Matthias von Hein
Матијас фон Хајн

Јасно е дека враќање на комфорните времиња на најтесно трансатлантско пријателство нема да има. Европејците, барем реторички, се разбудија од сонот. Многу се зборува за суверена стратешко политички силна Европа. Се бара Германија повторно да го научи јазикот на моќта, кој францускиот претседател Макрон изгледа веќе добро го владее.

Плус поени за француската идеја

Во однос на трансатлантските релации се кристализираат три позициии: француската визија за европска независност. Потоа, пред сѐ во источна Европа распространетото сфаќање дека мора да има максимално тесна соработка со Вашингтон, по секоја цена. И третата преовладува на пример во Германија, каде владее нерешителност помеѓу двете горенаведени позиции. Но, со веројатност може да се предвиди дека ако Доналд Трамп во ноември биде реизбран за натамошни четири години во Белата куќа, француската позиција ќе добие масовно засилување, меѓу другото и од Берлин.

Нова динамика за европската дебата

Можеби настапот на францускиот претседател Емануел Макрон навистина беше хајлајт на конференцијата. Макрон ѝ дава неверојатна динамика на европската дебата. Тој многу се вложува во битката за европска самостојност. Сака заедничка надворешна и одбранбена политика на Унијата. И ако тоа не успее со сите 27 членки преостанати по Брегзитот, тогаш барем со оние кои како и Париз, со оглед на на конференцијата често споменуваното „ривалство меѓу големите сили”, сакаат да создадат Европа која ќе биде во состојба да делува.

Макрон заклучокот го извлекува од тоа што увидел дека во светот не е доволно само да се има амбиција. Потребна е и способност. Германските реакции беа во знакот на согласување со него. Но, дали ќе се одразат и во дела, ќе треба допрва да се покаже.