1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп се заканува

Миодраг Шориќ
16 јануари 2017

Доналд Трамп во интервју за „Билд“ ја критикуваше бегалската политика на канцеларката Меркел и рече дека тоа довело до Брегзит. Меркел треба за делува самоуверено во односот со Трамп, оценува Миодраг Шориќ.

https://p.dw.com/p/2VqYU
US Präsident Donald Trump
Фотографија: picture-alliance/Photoshot

„НАТО е застарен.“ Оваа реченица не потекнува од рускиот претседател Владимир Путин или од севернокорејскиот диктатор Ким Јонг Ун. Ја изговори новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп. Ваквата оценка е спротивна на она што го велат од негова страна одбраните министри за надворешни работи и за одбрана. Тие минатата недела, при сослушувањето во Сенатот, го тврдеа токму спротивното. И сега, што би требало да биде валидно?

Ако на Трамп му е до тоа сојузниците во НАТО да издвојуваат повеќе пари за одбрана, тогаш тоа би требало да го направи недвосмислено. НАТО да се прогласи за прегазен од времето е оценка која ги прави партнерите несигурни. Тоа не се однесува толку на Германците и Французите, кои се доволно силни за да се бранат себеси. Но, балтичките држави и Полска во меѓувреме со право се прашуваат колку навистина вреди сојузништвото со САД. Дотолку повеќе што, како што се чини, Трамп пред сѐ бара пријателство со рускиот колега по функција Владимир Путин.

Како ќе реагира канцеларката Ангела Меркел на противречните сигнали од Вашингтон? Таа би можела самоуверено да укаже на германскиот придонес за трансатлантскиот однос. Сигурно, Германија би можела и ќе издвои повеќе за одбраната, но Берлин по терористичките напади од 11 септември испрати војници на Хиндукуш за таму да им пружи поддршка на САД. Во Авганистан се брани американската безбедност, а не германската. Осама бин Ладен и неговата терористичка банда го нападнаа Њујорк, не Берлин.

Soric Miodrag Kommentarbild App
Миодраг Шориќ

Селективноста на Вашингтон

Друг пример: САД и Германија го поддржуваат суверенитетот на Украина, но за тоа плаќаат само германските даночни обврзници. Кога украинскиот претседател пред извесно време во Вашингтон побара финансиска помош, Конгресот го испрати дома со празни раце. И претседателот Трамп ќе ги држи џебовите затворени. Уште еден пример? Германија за бегалците од Сирија и Ирак плаќа милијарди. Притоа, Германија со војната во Ирак нема ништо, дури и категорично предупредуваше пред да биде почната. САД и покрај тоа влегоа во војна. На тој начин дестабилизираа цел регион. Денес ја потиснуваат својата одговорност за оваа авантура.

Американските претседатели доаѓаат и си одат. Но, се чини, без оглед кој има збор во Белата куќа, политичката стварност се восприема само селективно.

ЕУ во никој случај не е, како што тврди Трамп, основана за да ги победи САД во сферата на трговијата. Таа не е ниту само во германски интерес. Од неа профитираат сите членки на Унијата. На крајот - дури и САД! Или Трамп сериозно верува дека САД на долг рок може да останат супер сила без притоа да ја имаат ЕУ на своја страна? Затоа ослабнување на ЕУ во никој случај не е во американски интерес. Брегзит остава само губитници. На крајот Британците си штетат себеси. Фунтата изгуби многу на вредност. Инвеститорите се повлекуваат од Велика Британија - дури и оние од САД.