Трамп му честитал на Путин на изборната победа
21 март 2018„Разговарав со претседателот Путин и му честитав на изборната победа“, изјави Трамп пред новинарите во Белата Куќа, дополнувајќи дека веројатно набрзо ќе се сретне со Путин.
Повикувајќи го Путин, Трамп директно го игнорирал експлицитниот совет од неговиот советник за национална безбедност да не го прави тоа, објави весникот Вашингтон пост, цитирајќи функционери запознаени со ситуацијата. Предупредувањето содржело и реченица во неговиот брифинг во која со големи букви било напишано „НЕМОЈ ДА ЧЕСТИТАШ“, тврди Вашингтон пост.
Трамп го игнорирал проблемот со мешањето на Русија во изборите во САД, како и нападот врз поранешниот руски шпион во Британија, кој дополнително ги влоши односите на Москва со Западот.
Според соопштението од Кремљ, двајцата лидери разговарале за важноста од заеднички напори за ограничување на трката во вооружување и подобрување на економската соработка.
Русија е под голем притисок од Лондон и неговите сојузници да го објасни нападот со нервен отров врз поранешниот агент Сергеј Скрипал.
Прв со реакција за телефонскиот разговор се огласи американскиот сенатор Џон Мекејн.
„Американски претседател не може да го предводи слободниот свет честитајќи им на диктатори за победа на лажирани избори“, изјави Мекејн.
Белата Куќа претходно тврдеше дека не е планиран телефонски разговор меѓу Трамп и Путин по изборите во Русија во неделата на кои Путин си го обезбеди четвртиот мандат на функцијата.
Според Кремљ, на листата на оние кои досега му ја честитале победата на Путин се лидерите на Грција, Германија, Иран, Чешка, Финска, Сирија и Северна Кореја.