Трамп е бесен по одлуката на Врховниот суд
9 јули 2020Добра и лоша вест за американскиот претседател Доналд Трамп. Врховниот суд му дозволи на обвинител од Њујорк да ги анализира неговите даночни податоци, но не му го дозволи истото и на Конгресот. Во одвоен случај, судиите исто така го одбија барањето на Конгресот да ги добие банкарските и даночните документи на Трамп, членови на неговото семејство и нивните бизниси. Судот оцени дека иако Конгресот има значајни овластувања да ги бара личните информации на претседателот, тие не се неограничени.
Врховниот суд ги отфрли аргументите на адвокатите на Трамп и на Министерството за правда дека претседателот има имунитет од истраги додека е на функција или дека обвинителството мора да покаже поголема потреба од вообичаено за да ги добие даночните извештаи.
Трамп, кој е единствениот претседател во модерната ера кој одби јавно да ги објави своите даночни извештаи, засега не прогласи победа во случајот иако исходот не му дава за право на Конгресот да ги разгледува неговите доверливи информации во пресрет на изборите во ноември.
Документите имаат потенцијал да откријат детали за можни злоупотреби, како и за вистинскиот износ на неговото богатство, но и непријатни информации за начинот на кој ги троши парите.
Растечката веројатност дека судска порота ќе има можност да ги прегледа неговите лични податоци сепак предизвика бес кај Трамп.
„Ова е политички прогон. Победив во ловот на вештерки на Мулер, и другите, и сега морам да продолжам да се борам во политички корумпираниот Њујорк. Не е фер за ова претседателство и за администрацијата“, твитна Трамп.
Спикерката на Конгресот, демократката Ненси Пелоси изјави дека судската одлука „не е добра вест за Трамп“.
Документите кои Конгресот ги бара за Трамп се однесуваат на две различни истраги. Првата се однесува на истрага за Трамп и неговите бизниси, а втората, која ја води обвинителството во Њујорк, се однесува на исплатите за две жени да молчат за нивните врски со Трамп во текот на изборната кампања во 2016 година.
Врховниот суд на САД досега на двапати одлучуваше за правата на претседателите во други случаи. Во скандалот Вотергејт, Судот одлучи да му наложи на Ричардс Никсон да ги предаде сите снимки од Белата Куќа на специјален обвинител. Во 1990-те години судот утврди дека претседателот Бил Клинтон може да одговара по обвинувањата за сексуално вознемирување.