1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Трамп долева масло на огнот

Рајнер Золих
7 декември 2017

Со одлуката на Трамп да го признае Ерусалим за главен град на Израел, се ризикува опасна ескалација на насилство на Блискиот Исток. Подеднакво ќе трпат и Израелците и Палестинците, проценува Рајнер Золих.

https://p.dw.com/p/2ovk1
USA Trump erkennt Jerusalem als Hauptstadt Israels an
Фотографија: Reuters/K. Lamarque

Речиси сите го предупредуваа американскиот претседател да не го прави тој потег: Палестинците и арапскиот свет, тоа се подразбира, но и Германија, Велика Британија, ЕУ, Русија, па дури и папата. Се слушнаа многу гласови и од Евреи, одлуката на Трамп ја критикуваше и угледниот весник „Харец“, исто како и Централниот совет на Евреите во Германија. И сите тие заедно не успеаја да го сопрат Доналд Трамп. 

Тој едноставно ги затвори ушите. Без оглед на сите предупредувања и стравувања од нова експлозија на насилство на Блискиот Исток,  Трамп го исполни своето предизборно ветување и едноставно го призна Ерусалим за главен град на Израел.  Тоа подразбира и преселба на американската амбасада од Тел Авив во градот подеднакво „свет“ и за Евреите, и за христијаните и за муслиманите.

Понижување и свршен чин

На симболички план, тоа е сериозен потег, со оглед што многумина Арапи и муслимани, и надвор од палестинските подрачја, тоа можат да го толкуваат како тешко понижување и политички пораз. Сѐ што има некаква врска со Ерусалим, отсекогаш провоцирало и политички и верски чувства.

На политички план, САД демонстративно и без никаква потреба го кршат со години владејачкиот консензус во блискоисточната дипломатија, според кој сататусот на Ерусалим би се решавал дури во конечниот мировен договор. Зашто, и Палестинците претендираат на источниот дел од Ерусалим како главен град на државата кон која стремат. Сега САД, со оваа одлука на Трамп, станаа единствена земја на светот која ја призна за легитимна израелската анексија на источен Ерусалим, што досега јасно се прогласуваше за кршење на меѓународното право.

На ваков начин, Трамп ги доведува Палестинците, но и целиот арапско-муслимански свет пред свршен чин, демонстрирајќи им ја нивната немоќ. Бесни протести, изливи на насилство, терор, протестни ноти, прекин на политичките контакти или дипломатски односи - можни се многу посериозни реакции во иднина. А американскиот претседател со својата апсурдна и исклучително опасна одлука, ја сноси целосната одговорност. Таа политички нема никакво оправдување. Трамп со ова доброволно и опасно го потпалува блискоисточниот конфликт.

Sollich Rainer Kommentarbild App
Рајнер Золих

„Палестински браќа“

Без оглед на протестите, малку е веројатно Трамп да го промени мислењето, сеедно како и би го извел тоа. Независната држава на Палестинците, ако некогаш се создаде, не само што ќе мора да бара некој друг главен град, туку ќе мора да прифати нови, болни отстапки. Оската САД-Израел моментно е толку силна и блиска, што Палестинците и Арапите се беспомошни. Тука се надоврзува и фактот што бројни арапски земји јавно се солидаризираат со своите „палестински браќа“, а всушност имаат сосем подруги приоритети.

На пример, регионалната „тешка категорија“ -Саудиска Арабија, правовремено го предупреди американскиот претседател на едностраноста на одлуката за промена на статусот на Ерусалим. Но, Саудијците актуелно имаат полни раце работа со промената на закоравените структури на моќта во сопствената земја и огорчено се борат против растечкото влијание на нивниот геостратешки ривал, Иран. Тоа ги принудува на потпирање на силен партнер како Трамп, а и покрај тоа што немаат дипломатски односи со Израел, тие стремат кон сорабока со земјата која Иран исто така ја смета за безбедносен ризик во регионот.

Саудиска Арабија важи за некој вид „кум“ на идниот блискоисточен мир. Меѓутоа, новата одлика на Трамп оневозможува секаков напредок во догледно време, а властите во Саудиска Арабија би можеле да бидат подеднакво рамнодушни кон судбината на Палестинците, како што се рамнодушни и лидерите на Иран, кои своите амбиции радо ги кријат зад про-палестинската реторика и пароли на омраза против Израел.

Со својата одлука САД само ја признаваат реалноста и опстојуваат на патот за постигнување мир на Блискиот Исток, изјави  Трамп при обзнанувањето на одлуката. Таквата изјава може единствено да се нарече цинична. зашто, оние кои ќе страдаат од последиците на таа одлука, ќе бидат подеднакво и Израелците и Палестинците.