1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп го одложи објавувањето на чувствителни акти за Кенеди

ЕМФ / дв
27 октомври 2017

Американскиот претседател Доналд Трамп оваа недела требаше да даде дозвола за отворање на сите тајни документи за убиството на Џон Кенеди. Сепак, под притисок на тајните служби, дел од документите не се објавени.

https://p.dw.com/p/2map9
USA JFK Dokumente - Kennedy in Dallas
Џон Кенеди во Далас непосредно пред атентатотФотографија: Reuters/Walt Cisco/Dallas Morning News

И покрај најавите на претседателот на САД, Доналд Трамп, не се објавени сите тајни документи за убиството на американскиот претседател Џон Кенеди. Трамп буквално во последна минута потклекна под притисокот на тајните служби. Според наводи на владини претставници, ЦИА, ФБИ и други служби побарале дел од документите да не бидат објавени, а ако се планира објавување, претходно да бидат подложени на „уредување“.

Чувствителните документи, според наводи на Белата куќа, содржат информации за идентитетот и улогата на информантите. Се работи за десетици, а можеби и стотици илјади страници. Затоа Трамп на службите им даде рок од 6 месеци да ги прегледаат и обработат соодветните документи и да објаснат зошто одредени документи не смееле да бидат објавени.

USA Donald Trump
Трамп мораше да попушти под притисокот на тајните службиФотографија: Reuters/K. Lamarque

Трамп обајснува дека немал друг избор, освен да прифати ваква постапка, но додаде дека издал наредба за конечно симнување на велот на тајната од документите. По истекот на рокот ќе биде објавено сѐ што е  можно да се објави.

Трамп минатиот викенд најави комплетно објавување на тајните документи за Кенеди. Уште во 1992 година Конгресот донесе закон за објавување на речиси сите од околу 5 милиони акти за смртта на Кенеди. Дел од нив имаше рок на тајност од 25 години, кој истече на 26 октомври.

USA JFK Dokumente - Lee Harvey Oswald
Ли Харви Освалд дејствувал сам, заклучи истрагатаФотографија: picture-alliance/AP Photo

Кенеди беше убиен во Далас, на 22 ноември 1963 година. За убиството беше уапсен Ли Харви Освалд, кој два дена потоа беше убиен од страна на Џек Руби. Истрагите на Комисијата за убиството го донесоа заклучокот дека Освалд дејствувал сам.

Сепак, убиството со неколку истрели на 35. американски претседател до денес е причина за многу теории на заговор. Меѓу нив е и тезата дека наследникот на Кенеди, Линдон Џонсон наводно ги влечел конците за атентатот, притоа соработувајќи со ЦИА, како и теоријата дека во убиството е вмешана Куба. Фактот што дел од документите сега не смеат да бидат објавени, потхрани нови теории на заговор. Експертите, наспроти тоа, се уверени дека објавените документи не содржат којзнае какви откритија.