Трагедија во Тетово, најмалку 10 жртви во пожарот
9 септември 2021Најмалку 10 луѓе загинаа, а непознат број се повредени во пожарот кој го зафати ковид-одделението на тетовската болница. Пожарот избувнал околу 21 часот, по што следувале и неколку експлозии, веројатно предизвикани од боците за кислород. Во модуларната болница во тој момент имало 24 пациенти болни од ковид и непознат број медицински лица. Веднаш реагирале пожарникарските служби кои дошле на местото со седум возила, но не успеале да ја спасат болницата од целосно уништување.
Пожарникарите велат дека пожарот се ширел со огромна брзина и се прелевал од една просторија во друга, а тие биле немоќни да го запрат.
Од фотографиите може да се види дека модуларната болница која беше пуштена во употреба во април годинава, не е останато ништо.
Во Тетово веднаш се упатија премиерот Зоран Заев и министрите за здравство и внатрешни работи Венко Филипче и Оливер Спасовски. Формиран е кризен штаб, но никој вечерва не ги коментираше причините за несреќата, вклучително и градоначалничката Теута Арифи.
„Во Тетово се случи несреќа која однесе повеќе човечки жртви. До моментов се потврдени десет загинати во пожарот, но бројката може да порасне. Ова е многу тажен ден, изразувам најдлабоко сочуство до семејствата“, соопшти министерот Филипче.
За денеска во 10 часот е закажана и вонредна владина седница на која ќе се расправа за трагедијата.
На терен се експерти на МВР и обвинители од Скопје и Тетово кои ги истражуваат причините за несреќата.
Претседателот Стево Пендаровски и премиерот Заев им изразија сочуство на семејствата на загинатите и им посакаа брзо опоравување на повредените. Сочуство на жртвите им изрази и албанскиот претседател Илир Мета.