Тортура и корупција во македонските затвори
12 октомври 2017Комитетот на Советот на Европа во затворот Идризово констатира нехумани услови во кои царуваат корупција, малтретирање и насилство врз затворениците и несоодветна здравствена заштита. Експерти на Комитетот го посетија затворот во декември 2016 година, а завршниот извештај го објавуваат денеска. Во Идризово се сместени околу 60 проценти од сите затвореници во Македонија.
Корупцијата се манифестира во секој сегмент на животот на затворениците, се наведува во извештајот. Во затворот се плаќа за сѐ: од сместување во ќелија, до дозвола за отсуство или пристап до лекови и мобилен телефон.
Пренатрупаност е детектирана и во затворот во Штип.
Македонскиот премиер Зоран Заев во септември годинава, по посетата на затворот Идризово, изјави дека се срами што е премиер на држава во која постои таков затвор.
„Срам ми е што сум премиер на држава во која има затвори со нехумани и супстандардни услови под секое човечко достоинство“, рече Заев. Тој вети дека ќе се работи на итно подобрување на условите во најголемиот затвор во Македонија.
Во одговор на критиките од Комитетот, македонските власти се заложија за целосно исполнување на препораките.
Критиките од Советот на Европа и од други меѓународни и домашни организации за заштита на човековите права за состојбата во македонските затвори се повторуваат со децении.