Толксдорф за ДВ: Германските инвестиции ќе се зголемат
8 февруари 2019ДВ: Господине Толксдорф, дали сте задоволни со резултатите од средбата на Германско-македонскиот комитет во Берлин?
Хелге Толксдорф: Попрецизно кажано, основавме Joint Economic Steering Committee (Мешовит економски управувачки комитет). Првата средба се одржа на 23 ноември во Скопје. Она што треба да се истакне во врска со овој комитет е дека базата е широка со цел да се изградат опсежни економски односи и да се вклучат важни актери. Тоа значи дека на масата седат водечките економски здруженија и комори од двете земји. Од германска страна важни партнери се и КфВ (Банка за обнова, н.з.) и ГИЗ (германско друштво за меѓународна соработка, н.з.). Задача на Joint Economic Steering Committee е давање поддршка на актуелните проекти, размена на мислења околу стратешките сфери на соработката и, се разбира, решавање на проблеми. Со својата посета на Берлин вицепремиерот Анѓушев го продолжи со нас започнатиот дијалог. Притоа, разговаравме за идната соработка и дефинирањето приоритети во ваква опсежна агенда. Се разговараше и за продолжение на неопходните реформи во економската сфера од страна на владата на Северна Македонија како важен предуслов за натамошно зголемување на атрактивноста на земјата за инвестиции.
Македонскиот вицепремиер Анѓушев на почетокот на неделата за ДВ најави конкретни идеи, но не даде повеќе детали. Можете ли Вие да кажете нешто повеќе за одделни идеи и проекти?
Во текот на разговорите постигнавме голема согласност околу стратешките приоритети. Во таа смисла, разговаравме за наредните чекори и за големиот број можности за соработка. Сега, ќе се премине на конкретна работа. За да се дојде до резултати, се разбира, е потребно време. Мислам дека прво треба да се концентрираме на постигнување заеднички резултати. Примерот на првиот Дигитален самит за Западен Балкан во Скопје минатата година покажа како заеднички и во соработка со Европската комисија може за кратко време да стигнеме до видливи резултати.
Каде ќе биде ставен акцентот во текот на наредните месеци? Повеќе на германска поддршка на инфраструктурни проекти, на инвестиции или на трговија?
Очекуваме продоложување и динамизирање на билатералните економски односи во сета нивна широчина. Во изминатите 10 години нашата билатерална трговска размена се зголеми неколкукратно: од 933 милиони евра во 2008 година на повеќе од 4 милијарди во изминатата година. Притоа, треба да се нагласи дека македонскиот извоз во Германија во овој период се зголеми шесткратно - од 460 милиони евра на повеќе од 2,9 милијарди евра. Значи, имаме многу добра појдовна основа. Преспанскиот договор и неговото спроведување сега испраќаат силен сигнал и за германското стопанство. Затоа, очекуваме значителен пораст во делот на трговијата и инвестициите. Со северномакедонската влада го делиме ставот дека ваквата добра динамика мора да биде искористена за зголемено подобрување на животните услови во Северна Македонија. Покрај отворањето работни места, подобри можности за образование и обука за младите, потребна е и подобра комунална инфраструктура, како на пример јавниот транспорт или комуналните услуги во делот на одржливо отстранување на отпадот и отпадните води. Покрај тоа, важни полиња на идната соработка се и стабилното, исплатливото и еколошко снабдување со енергија и подобрувањето во сферата на медицинско згрижување. За таа цел се неопходни заеднички напори на владата на Република Северна Македонија, Европската комисија и ангажман на претпријатијата. Притоа, важно е дефинирањето на приоритетите од страна на владата на Северна Македонија. Ние тука ќе даваме советодавна поддршка. Во делот на инфраструктурни проекти се концентрираме на спроведување на агендата за поврзување, договорена во рамки на „Берлинскиот процес“ помеѓу Европската комисија и државите од Западен Балкан.
Македонскиот премиер Зоран Заев пред две-три недели спомена голема германска инвестиција. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за тоа? За кое претпријатие се работи?
Интересот на германските претпријатија за инвестирање во Северна Македонија е голем. Ние, Асоцијацијата на германското стопанство за Источна Европа и Делегацијата на германското стопанство во Скопје знаеме за различни барања и им даваме поддршка на заинтересираните претпријатија со совети и дела. Сојузното мниистерство за економија, меѓу другото, е подготвено да им дава поддршка на потенцијалните германски инвеститори со гаранции за инвестициите, доколку тоа се бара од страна на претпријатијата. За тоа се исполнети неопходните предуслови. Комуникацијата со јавноста за планираните инвестиции е одговорност на секое претпријатие. Затоа, ве молам за разбирање, што околу тоа нема да наведам детали. Меѓутоа, го поздравуваме тоа што македонскиот премиер и македонската влада внимателно ги следат актуелните одлуки на германските претпријатија за инвестирање и што даваат политичка поддршка.
Ги исполнува ли македонското стопанство неопходните предуслови за германските претпријатија да можат да инвестираат, или во тој дел се потребни подобрувања?
Северна Македонија како економски простор веќе има привлечено голем број инвестиции, меѓу другото и од германски претпријатија. Особено во делот на индустријата за автомобилски делови и машинството имаме многу позитивни примери. Во рамки на „Купувачката иницијатива“ (средби на заинтересирани германски купувачи со лиферанти од Западен Балкан, н.з.) која ја почнавме во рамки на Берлинскиот процес, откривме многу конкретни нови можности и потенцијали. Овие потенцијали внимателно се анализираат од страна на германските претпријатија. Притоа, согледуваме дека за потенцијалните инвеститори сѐ поважна тема станува понудата на квалификувани работници. Заедно со владата на Северна Македонија ќе работиме во сферата на дуалното стручно образование. На пример, во Делегацијата на германското стопанство во Скопје испративме експерт за стручно образование и обука, кој дава совети во многу конкретни проекти.
Некои германски фирми кои имаат инвестирано во Македонија на крајот на минатата година се жалеа на однесувањето на македонската влада и бараа посебни царински стапки. Сметате ли дека вакви барања се реални?
Темата на царините е важен фактор при носењето одлука за инвестирање од страна на претпријатијата. Во рамки на Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ, Северна Македонија постепено ги усогласува царините со оние на ЕУ. Станува збор за комплексна тема, која мора да се анализира за секој одделен случај - на пример дали еден производ се увезува за да остане во Северна Македонија или се увезува само за натамошна доработка, а потоа како дел од друг производ се реекспортира. Претпријатијата и Делегацијата на германското стопанство се во дијалог со надлежните институции во Скопје и тоа е вистинскиот пат за конструктивно решавање на отворените прашања.
Хелге Толксдорф е раководител на Одделот за ЕУ-проширување, Југоисточна Европа и Турција во Сојузното министерство за економија и енергетика на Германија