Тинејџер уби 10 лица во средно училиште во Тексас
19 мај 2018Во напад во средно училиште во американскиот град Санта Фе во близината на Хјустон, се убиени 10 лица. Меѓу загинатите има девет ученици и еден учител, додека 10 лица се повредени, изјави гувернерот на сојузната држава Тексас, Грег Абот.
Локалните официјални лица наведоа оти за нападот е осомничен ученикот Димитрос Пагурцис (17).
Абот изјави дека експлозивни направи, вклучувајќи молотов коктел, се пронајдени во куќата и во возилото на осомничениот за нападот, како и во близина на училиштето. Абот наведе оти напаѓачот користел ловечка пушка и револвер кој легално се регистрирани на неговиот татко и дека не е познато дали таткото знаел оти синот ги земал.
Според зборовите на гувернерот на сојузната држава Тексас, осомничениот рекол оти на почетокот сакал да изврши самоубиство, но се предал и навел дека немал храброст да си го одземе животот.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, издаде указ американските знамиња да се спуштата на половина копје до 22 мај. „Првите извештаи не изгледаат добро. Бог нека не' благослови сите“, напиша тој на Твитер. „Ова веќе предолго се случува во нашата земја“, истакна претседателот на САД.
Повеќе:
-Крвава драма во училиште во Флорида
-Трамп може да си замисли вооружени наставници
Првата дама на САД, Меланија Трамп, на Твитер пак напиша: „Моето срце е денеска со Санта Фе и со сите во Тексас“.
Американскиот претседател Доналд Трамп „презема мерки“ со цел да ја унапреди безбедноста во училиштата во САД, рече потпретседателот на државата Мајк Пенс по нападот.
Зборувајќи на политички собир во Индијана, Пенс ги истакна напорите кои ги презема администрацијата на претседателот на САД за да ја подобри безбедноста во училиштата, вклучувајќи воведување на закон со кој се предвидуваат 2 милијарди долари за федералната управа и за локална самоуправа со цел да се заштитат училиштата, како и за засилување на контролата за огненотп оружје. Пенс додаде дека администрацијата на претседателот на САД и натаму ги повикува американските сојузни држави да „го следат примерот на Индијана и да овозможат квалификуваниот персонал во училиштата да носи скриено оружје“. Крвавиот напад во Санта Фе е 22-ри вооружен инцидент во американските училишта само годинава.