1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Кој не сака да се вакцинира, го плаќа тестот за корона

АРД | Немања Рујевиќ
11 октомври 2021

Од денеска во Германија тестовите за корона се плаќаат. Исклучоци од ова правило ќе има за одредени категории лица.

https://p.dw.com/p/41WQu
Symbolfoto Corona-Schnelltest
Фотографија: Sebastian Gabsch/Geisler-Fotopress/picture alliance

Досега, во Германија, секој граѓанин еднаш неделно можеше да се тестира за коронавирус бесплатно во една од многуте аптеки, ординации или импровизирани центри за тестирање. Резултатот од брзите антигенски тестови пристигнуваше во рок од 20 или 30 минути, обично преку имејл.

Кој треба да плаќа за тестирање?

Од денеска (11 октомври), тестирањето веќе не е бесплатно, освен за деца, бремени жени, луѓе на кои не им е дозволено да се вакцинираат од медицински причини, како и оние кои поради инфекција со коронаврус биле ставени во карантин и треба да добијат доказ дека се оздравени.

Постојаната комисија за вакцинација неодамна препорача вакцинирање на бремени жени и тинејџери на возраст од 12 до 18 години, така што тестовите за нив ќе бидат бесплатни до крајот на годината, за сите да имаат можност да се вакцинираат.

Повеќе:

Брзи корона-тестови во германските супермаркети

Проверка на факти: Можат ли брзи тестови за сопствена употреба да ја запрат корона-пандемијата?

Зошто се воведува оваа мерка?

Надежта на политичарите е дека плаќањето за тестови дополнително ќе ги поттикне оние кои се двоумат да се вакцинираат. Во Германија важи таканареченото правило за 3Г, што значи дека само на вакцинираните, оние што се оздравени или свежо тестирани им е дозволен влез во затворени делови од ресторани, спортски сали, кина, стадиони и различни манифестации.

Се смета дека некои би можеле да бидат мотивирани да се вакцинираат со фактот дека инаку би морале да бркнат длабоко во својот џеб секогаш кога сакаат да одат некаде каде што им е потребен тест. Министерот за здравство Јенс Шпан вели дека е „фер кон даночните обврзници“ државата да не плаќа веќе за тестирање на оние кои можат, а не сакаат да примат бесплатна вакцина. За тоа досега се издвоени околу 3,5 милијарди евра.

Властите не ја утврдија цената на тестовите, што значи тоа ќе биде оставено за регулирање на пазарот. Центарот за заштита на потрошувачите проценува дека цените ќе се движат помеѓу 18 и 40 евра за брз антигенски тест. ПЦР -тестовите ни досега не беа бесплатни, а нивните цени се движат од 50 до 250 евра.

TABLEAU | Deutschland Dresden | Coronavirus dritte Welle | Schnelltest-Zentrum
Се проценува дека брзите тестови ќе чинат помеѓу 18 и 40 евраФотографија: Matthias Rietschel/REUTERS

Што велат критичарите?

Синдикатот на лекарите Марбургер Бунд предупредува: „Плаќањето за тестирање значи дека помалку луѓе со симптоми ќе бидат тестирани во иднина. Ова е отворена порта за појава на нов вирус“, изјави Сузане Јона, која раководи со синдикатот.

Заштитниците на пациентите стравуваат дека тоа ќе го отежни и ќе ги намали посетите на саканите во болниците и домовите за стари лица.

Има и укажувања дека богатите граѓани кои се скептични кон вакцините ќе можат да платат за тестирање без никакви проблеми, додека сиромашните ќе страдаат неспоредливо повеќе.

Колку луѓе се вакцинирани во Германија?

Тоа и не е многу јасно. Знаејќи дека има потешкотии со внесување дигитални податоци, институтот „Роберт Кох“ спроведе истражување и минатата недела објави дека 80 проценти од полнолетните граѓани се целосно вакцинирани, додека 84 проценти примиле барем една доза од вакцината. Тоа е пет проценти повеќе од она што го дава официјалната статистика. Експерти веруваат дека вистината е некаде во средината. Пет процентни поени во возрасната популација во Германија е приближно 3,5 милиони луѓе.

Според оксфордската датотека Our World in Data во Германија најмалку една доза примиле 68,4 проценти од луѓето во Германија, додека 65,2 проценти се целосно вакцинирани.