Тероризмот му е од помош на Трамп
20 септември 2016
Во нормални времиња, соработката меѓу полицијата и ФБИ би била поздравена. За помалку од 24 часа по бомбашките напади во Њу Џерси и Њујорк, осомничениот напаѓач не само што беше идентификуван, туку и уапсен- притоа жив со лесни повреди.
Фактот што таквиот успех на властите доби толку мало внимание од јавноста- како и сѐ останато оваа недела- се должи на една причина: Доналд Трамп. Уште еднаш, републиканскиот претседателски кандидат понуди едноставен одговор за американските стравови од идни напади од радикални муслимани во нивната земја: расно профилирање наместо политичка коректност. Фактот што таквата практика е забранета во САД малку го загрижува Трамп. Напротив. Секогаш кога некоја негова идеја е противзаконска, тоа е само причина за на поддржувачите да им порача колку е корумпиран, расипан и погрешен целиот систем. Само политички аутсајдер може да бара законите да бидат ставени на страна заради повисока цел: безбедноста во земјата.
Брзо решение
Комплексната анализа која ја понуди Хилари Клинтон беше далеку од популарна. Многу луѓе не сакаат да слушаат како војната во Сирија или Ирак е поврзана со радикализираните муслимани во нивната земја. Тие се несигурни, исплашени. Сакаат решенија. Веднаш. Луѓето не сакаат да се соочат со ефектите на среден или на долг рок. Нема место за прашања што ќе значи тоа за општеството кое е обременето од страв и несигурност. Но тврдењето дека ти е доста и дека треба да се укине некој закон поради страв потсетува на германската десно-радикална Алтернатива за Германија.
Очигледно е дека САД не пронајдоа начин да се справат со чувството кај голем дел од популацијата во ситуација на загрозеност. Иако дискусиите се организирани врз основа на закон, граѓаните сепак чувствуваат дека треба да бидат отворено за своите чувства, грижи и надежи. Многумина не успеаја да најдат начин да ги прикријат своите расистички и ксенофобни чувства.
Земјата притоа не успеа да најде одговор на прашањето: кои општествени сили се доволно силни за да спречат овој конфликт да излезе од контрола. Она што е јасно е дека ниту елитите ниту медиумите не можат да ја реализираат оваа задача. Тоа се конфликтите со кои САД и земји како Франција, Британија, Полска, Данска и сега Германија се борат.
Но во САД во моментов никој нема време за таква дебата.
САД се толку поларизирани и разбиени по повеќемесечната изборна кампања, што се чини како да се распаѓаат пред камерите и на социјалните мрежи. За овие избори, предоцна е да се започне битка за справување со табуата и моралниот углед кој државата сака да го има. Политичарите во другите земји, во пресрет на големите избори, барем трошат малку време да се соочат со реалноста, каде што живеат вистинските луѓе.