1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тензии во Тунис: Смена на премиерот и суспендиран парламент

ЕМФ | агенции
26 јули 2021

Политичката криза во Тунис се продлабочува. Претседателот на земјата го отпушти премиерот и го суспендираше парламентот. Владејачката партија Енахда зборува за „државен пуч“.

https://p.dw.com/p/3y4Mr
Tunis, Tunesien | Anti-Regierungsproteste
Претседателот Каис Сајед најавува дека заедно со новиот премиер на Тунис ќе ги преземе задачите на владатаФотографија: Fethi Belaid/AFP/Getty Images

Повод за изненадувачката одлука на тунискиот претседател Каис Сајед за смена на премиерот Хишем Мешиши и суспензија на парламентот се масовните протести против политиката на владата во пандемијата, како и нејзината економска политика. Сајед, по средба со претставници на армијата и на безбедносните институции, најави дека заедно со новиот премиер ќе ги преземе владините задачи. Претседателот соопшти дека активностите на парламентот ќе бидат суспендирани, а ќе биде укинат и имунитетот на некои пратеници.

„Работиме во правните рамки“, рече Сајед и се закани со вклучување на армијата доколку дојде до насилен протест.

Борбата за превласт помеѓу Сајед, Мешиши и парламентот се одвива со месеци. Исламско-конзервативната партија Енахда, која е најсилна во Тунис, зборува за „државен пуч“. „Она што го прави Сајед е пуч, тоа е против револуцијата и е противуставно“, соопшти партијата на својата Фејсбук-страница. Партијата најавува дека заедно со тунискиот народ ќе ја брани револуцијата.

Во главниот град на Тунис приврзаниците на Сајед со свирки од автомобили ја поздравија одлуката на претседателот на земјата.

Tunesien Krise - Proteste vor dem Parlament
Безбедносните сили презедоа безбедносни мерки околу зградата на парламентот пред која почнаа да се собираат поддржувачи и противници на претседателот СаједФотографија: Nacer Talel/AA/picture alliance

Пред одлуката на Сајед во земјата имаше насилни протести. Демонстрантите бараа оставка на владата, распуштање на парламентот и нови избори. Во неделата во главниот град дојде до судири помеѓу демонстрантите и полицијата. Безбедносните сили употребија солзавец. Демонстрантите ги нападнаа канцелариите на партијата Енахда.

Незадоволството на демонстрантите е насочено против актуелната политика на владата. Земјата се бори со економска криза и тешко се справува со пандемијата на коронавирус. Тунис е земја во Африка која е во групата држави со најголем број инфицирани. Поради тоа се воведуваат локдауни и други рестрикции. Вакцинацијата на населението оди бавно.