Џулијан Асанж може да биде екстрадиран во САД
10 декември 2021Тежок удар за Џулијан Асанж: апелациски суд во Лондон ја прифати жалбата на американското правосудство и ја укина пресудата која забрануваше негово екстрадирање во САД, ова денеска го соопшти надлежен судија. Асанж може да смета на тоа да биде испорачан на САД.
Претходната судска пресуда забрани екстрадирање на 50-годишниот основач на Викиликс имајќи го во предвид неговото нарушено физичко и психичко здравје и очекуваните затворски услови во САД. Вашингтон успешно ја обжали оваа одлука. Во меѓувреме доставените гаранции од САД се доволни за елиминирање на загриженоста за неговото здравје, изјави судијата.
Американското обвинителство го товари Асанж за шпионирање, поради што му се заканува изрекување затворска казна до 175 години. Против него се подигнати обвиненија дека заедно со „свиркачката“ Челзи Манинг украл и објавил таен материјал за американските воени операции во Ирак и во Авганистан. Се тврди дека со тоа го загрозил животот на американските информанти. Поддржувачите на Асанжво него гледаат инвестигативен новинар кој разоткри воени злосторства.
Случајот сега е вратен на првичната судска инстанца со укажување дека одлуката за испорачување треба да биде препуштена на министерката за внатрешни работи. Дали со ова завршува натегањето околу Асанж, засега не е јасно. Неговите поддржувачи, од кои дел и денеска протестираа пред зградата на судот во Лондон, веќе најавија дека по потреба ќе вложат повторна жалба.
Луѓе од опкружувањето на Асанж со месеци укажуваат на неговата влошена здравствена положба. Асанж повеќе од две години се наоѓа во лондонскиот затвор Белмарш.