Теарце е гордо на мирниот соживот
25 декември 2016
Теарце е шарено - Македонци, Албанци, Турци, Роми, сите горди со мирниот соживот кој го има селото во северозападна Македонија.
„Македонија може да учи од Теарце за соживот“. Вака го започнува разговорот еден од жителите на Теарце со кого разменивме неколку реченици за животот во ова мало село кое денеска е предмет на интерес на целата домашна и странска јавност.
„Животот е добар и овде, ама ако имаш пари. Слабо има работа, па сите одат во странство на печалба, некогаш се враќаат, некогаш не. А ние со Македонците си живееме добро и не сме имале никакви проблеми“, вели тој. Според него, гласањето ќе помине во мирна и фер атмосфера бидејќи жителите на ова село не сакаат проблеми, туку подобар живот и повеќе работа за младите.
Во истиот момент друг жител на селото на македонски го поздрави нашиот соговорник со „добар ден, како сте, одамна не ни било вака убаво и живо Теарце.“ Секојдневието овде оддава впечаток дека жителите се горди на мирниот соживот и толеранцијата која владее во селото во кое живеат Албанци, Македонци, Турци, Роми и други.
На сред село стојат црква и џамија, една спроти друга, повторно како потсетник на различноста која со децении коегзистира во овој крај.
Веднаш спроти училиштето „Кирил Пејчиновиќ“ каде се одвива гласањето, се наоѓа најпознатата чајџилница која денеска беше преполна со Теарчани, но и многу други набљудувачи, новинари, фото-репортери. Добро кафе со лимонада е „специјалитетот на куќата“ кој за триесетина денари мора да се проба за време на муабетењето за тоа како Теарце преку ноќ стана клучно за политичката сцена во земјата. Многумина се љубопитни за резултатите и дали тие ќе го променат конечниот распоред на парламентарните сили, особено меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.Мештаните љубопитно и ведро разговараа со сите заинтересирани за изборите, животот во Теарце, економската криза, заминувањето во странство, безработица...
Конечно малку интерес
Жителите на Теарце велат дека на некој начин им е мило што конечно некој се заинтересирал за нив по долги години, но сепак тие сакаат изборите да поминат мирно и демократски.
„Сакаме слога, разбирање, но особено и меѓу тие што треба да не водат прво и прво. За подобро на целиот народ. Ако така се направи, сите ќе живееме подобро, ако не, нема да биде“, вели една жителка по нејзиното гласање.
Гласањето се одвива мирно, спречен обид за поткуп
Гласањето во Теарце денеска се одвива мирно и без поголеми нерегуларности.Од вкупно запишани 714 избирачи на избирачкото место 2011 во Теарце, до 13:00 часот на гласање излегле 252, или 35.29%, соопштија од Државната Изборна Комисија.
Единствено утринава околу девет часот, дваесетина минути гласањето беше прекинато заради проблем со двете УВ- лампи наменети за проверка на прстот кои не работеа. Неколку гласачи кои пристигнаа да го дадат својот глас во училиштето каде се одвива гласањето беа вратени назад и им беше речено да дојдат за еден час, откако ќе се реши проблемот.
Сепак, прекинот траеше кратко, по што гласањето продолжи. Заменик претседател на избирачкиот одбор на ова избирачко место, Татјана Чуприна изјави дека одзивот е добар и гласањето се одвива во мирна атмосфера.
„Гласањето започна точно во седум часот, присутни беа сите членови на избирачкиот одбор и набљудувачи од политичките партии и невладините организации. Освен малиот прекин заради промената на УВ лампите, се тече во најдобар ред“, изјави таа на кратката прес конференција.
Од невладината ЦИВИЛ која ги набљудува изборите велат дека гласањето со помали неправилности тече мирно.
„Нашата екипа во последните три дена е во Теарце и ги следи сите активности на политичките партии, како и на голем дел од граѓаните. Имаме пријави дека постојат притисоци од страна на партии, како и нудење на пари за дел од граѓаните да не излезат на гласање или да гласаат за одредена партија“, вели Христина Танева, набљудувач на ЦИВИЛ.‚
Пријави за поткуп
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека тие вчера добиле пријава за примање на поткуп при гласањето. Осомничени се две лица С. Ш и Ф.И кои наводно во последните два дена во вечерните часови биле кај пријавителот и уште во неколку семејства во с.Теарце на кои им нуделе од 100 до 500 евра за еден гласач, за да не го остварат своето избирачко право.
„Од обавениот разговор со пријавителот е утврдено дека лицето С.Ш. дошло во неговиот дом и ги побарал личните карти од членовите на неговото семејство кои имаат право на глас и побарал да не гласаат за што ќе му бидат дадени парични сретства. Пријавителот не ја прифатил ваквата понуда.По добиената пријава и обавениот службен разговор, за поднесената пријава е известен Дежурниот јавен обвинител при ОЈО Тетово“, се вели во соопштението на МВР.
На избирачкото место 2011 во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ запишани се вкупно 714 гласачи. Прегласувањето беше наложено од Управниот суд, откако истиот утврди дека во Теарце недостасувал еден записник. Прегласувањето може да влијае врз конечниот резултат на изборите и распределбата на пратеничките места меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.