Тајни документи пронајдени на автобуска станица во Англија
28 јуни 2021На автобуска постојка во градот Кент на југоистокот на Англија пронајдени се тајни документи од министерството за одбрана во врска со важни воени прашања, јавија британските медиуми.
Човекот кој ги пронашол документите уште во вторникот го контактирал јавниот сервис Би-Би-Си. Околу 50 страници од доверливите документи меѓу нив и имејли и презентациии во Пауер Поинт содржат и детали во врска со руската реакција на поминувањето на бродот на Кралската морнарица во украинските води во минатата среда, за што пишуваа медиумите ширум светот.
Оваа информација ја потврди Министерството за одбрана, кое соопшти дека минатата недела е информирано „за инцидентот во рамки на кој еден граѓанин пронашол чувствителни безбедносни документи“.
„Министерството многу сериозно ја зема во предвид безбедноста на информациите и е започната истрага. Еден од нашите вработени пријави губење на овие документи“, наведе портпаролот на министерството.
Во доверливите документи се наведува рутата по која бродот „ХМС Дифендер“ ќе плови во близината на Крим, а се анализира и веројатната реакција на руската војска поради тоа.
Тема Авганистан
Исто така, наведено е и можно воено присуство на Обединетото Кралство во Авганистан по повлекувањето на НАТО на чело со САД на крајот на летото.
Министерството наведува дека вработениот ги известил официјалните лица за губење на документите, а се додава и оти би било „непримерно да се даваат дополнителни коментари“.
БиБиСи кој дојде до доверливите информации, наведува дека документите, кои содржат електронска пошта и презентации во Пауер Поинт потекнуваат од канцеларијата на висок претставник во министерството.