1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тајна војна за превласт во Турција

Александра Шерле/Б. Георгиевски25 декември 2013

Додека граѓаните протестираат против Ердоган, тој забрзано се пресметува со „внатрешниот непријател“. Според експертите, последниот бран апсења е пресметка меѓу владата и припадниците на движењето Ѓулен

https://p.dw.com/p/1Agea
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP

Фетула Ѓулен (на горната фотографија заедно со премиерот Реџеп Таип Ердоган) ретко прима гости во добро обезбедената куќа во Сејлорсбург, Пенсилванија. Овој 72-годишен свештеник од 1999 година живее во САД. Дошол поради здравствени проблеми, и одлучил повеќе да не се враќа во Турција. И токму во САД неговото движење доби замаец.

„Тоа движење се смета за реформистичка струја во Исламот, која се залага за секуларно образование и меѓурелигиски дијалог“, вели за ДВ, Гинтер Зојферт од берлинската фондација Наука и политика.

Харизматичниот Ѓулен е роден како син на имам, а и самиот станал свештеник на само 18 години. Верниците ги придобивал со вдахновени говори, а веќе со 27 години станал водечки проповедник во милионскиот град Измир. Бил задолжен за целиот Егеј. Многу патувал и стекнувал бројни симпатизери, но и непријатели. За време на воениот пуч во 1971 година е уапсен под обвинение дека „ги злоупотребува религиозните чувства за политички и лични интереси“.

Поддршка за воениот удар

Набрзо потоа е амнестиран и веќе следната година му се враќа на свештенството. Кон крајот на 70. години се формираат и првите приватни образовни институции инспирирани со неговото учење. Ѓулен ги повикува муслиманите да се борат против „пропаѓањето на моралот“, а конзервативните вредности како верата и семејството да ги постават над модерниот индивидуализам, но секогаш во рамките на секуларната граѓанска држава.

16.05.2013 DW Quadriga Guenter Seufert
Гинтер Зојферт

Кога армијата во 1980. година повторно изведе воен удар за да ги заштити секуларните текови во државата, Ѓулен го поддржа пучот. „Тоа му овозможи во следните 17 години да биде оставен на мира од секуларните сили“, смета Зојферт. Ѓулен во тој период во целост се оградува од партиите кои проповедаат политички ислам и веќе не се залага за слепо продолжување на традициите, туку за „истражување на природата, откривање на Бога во природните закони и физиката“.

Неговото движење доживува процут во Турција сѐ до 1995 година кога мнозинство гласови на парламентарните избори добива исламистичката партија на Нечметин Ербакан. Токму во тој период, движењето на Ѓулен станува важен адут на армијата за зачувување на секуларната држава. Но, по новиот удар на генералите, Ѓулен се чувствува загрозен и заминува во егзил во САД.

Масовно движење

Животот надвор од Турција не му штети на движењето. Напротив, го омасовува. Ширум светот тоа има милиони симпатизери, а само во Германија има околу 300 претставништва и десетина приватни училишта кои го пренесуваат неговото учење. Во Турција, цели генерации се образувани на неговото учење, а голем број поранешни ученици сега заземаат важни позиции во политиката, правосудството и армијата. Како што објаснува Зојферт, нивната цел е да го слабеат влијанието на премиерот Ердоган, бидејќи се чувствуваат загрозени од засилената исламизација. Ердоган веќе најави дека ќе затвори повеќе училишта кои го пренесуваат учењето на Ѓулен.

Türkei Istanbul Ankara Demonstrationen Mai Juni 2013
Фотографија: Adem Altan/AFP/Getty Images

По откривањето на големиот корупциски скандал во кој десетици високи функционери, бизнисмени и синови на министри беа обвинети за поткуп и корупција, илјадници луѓе излегоа на улиците на Истанбул на протести. Сето тоа ја ослабува позицијата на Ердоган. „Доколку оваа влада се покаже исто толку корумпирана колку претходната, тоа ќе биде клучен удар за Ердоган“, вели Зојферт.

Кој ќе излезе како победник од овој судир веројатно ќе се знае по локалните и претседателските избори во земјата закажани за следната година. Тогаш можеби повторно ќе дојдат поубави времиња за ѓуленовото движење.