1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Таткото на „вирусите“ и сајбер-криминалот

20 јули 2010

Евгениј Касперски е човекот кој прв успеа да декодира компјутерски вирус кон крајот на осумдесетите години. За Дојче Веле тој објаснува колку е криминална актуелната состојба во интернет-сферата.

https://p.dw.com/p/OPgA
Фотографија: ZB - Spezial

Во Кремљ се наоѓа лабораторијата на Касперски, водечката руска компанија за антивирусен софтвер. Нејзиниот основач, Евгениј Касперски, веќе одамна е едно од најзвучните имиња на светската интернет-сцена. Тој е експерт за компјутерски црви, киднапери и тројанци, односно за програми кои на непознати лица им дозволуваат пристап до туѓи компјутери, кои уништуваат компјутерски датотеки, или шпионираат нечии лозинки. Здружението на фанови воодушевено го нарекува Касперски „татко на вирусите“:

„Со десет, дванаесет години се интересирав за задачи и формули од разни научни области. Уште во 1975 година знаев дека сум човек за техника. Не ме бидуваше за историја и литература; таму оценките ми беа просечни. Тоа беше причина да се запишам на факултетот за криптографија при Комитетот за државна безбедност (KGB). Тоа значеше математика, математика и пак математика, освен програмирањето. Тогаш не бев дисциплиниран, бев половина „хулиган“. Мислев дека не би било лошо да носам еполета на рамото. Затоа одев на воена академија, но никогаш не работев за Комитетот, туку само за Министерството за одбрана.“

Неговото репче е уредно врзано. Пред нас стои човек во своите четириесетти, кој признава дека е зависник од пушењето, но и љубител на познатиот Октоберфест во Минхен. Денес, Касперски само управува со својата фирма, иако вели дека е секогаш подготвен за алармирање, односно за 24-часовна потрага по вируси. Тој самиот има чувство дека се изменил:

„Човекот не се менува само поради работата со вирусите. Оној што работи долго време со компјутери добива извесен компјутерски акцент. Кај мене го забележав тоа по три години. Почнав да размислувам како компјутер. Работата со вируси ги прави параноични сите, не само мене. Навистина сум параноичен кога станува збор за безбедност.“

Касперски, кој, инаку, е роден во 1965 год. во Новоросијск, го декодира првиот вирус кон крајот на осумдесетите години. Во 1997 година, заедно со својата сопруга, ја основа компанијата „Касперски Лаб“ . Експертот се присетува: „ Како што некои собираат пеперутки, така за мене компјутерските вируси се хоби. Во 1991 година имавме економска криза во поранешниот Советски сојуз. Речиси воопшто немавме пари за да преживееме. Тогаш се обидов да ги продадам своите први антивирусни програми, за жал, безуспешно. Во 94-тата почнавме да ги произведуваме првите материјали за пакување на нашите производи. Замислете си како изгледаше тоа: немаше ни картон, ниту технички упатства. Веќе во 97-та станавме самостојни со нашето претпријатие.“

Меѓу клиентите на Касперски, покрај мали, спаѓаат и големи американски копмании. Од целокупниот приход, само 10% доаѓаат од приватни клиенти и домашни интернет-корисници. Покрај централата во Москва има уште 11 други претставништва со 550 вработени, меѓу кои и во Германија, Франција, Велика Британија и САД, со тенденција за понатамошно проширување на компанијата. За висината на целокупниот приход на Касперски никогаш не се зборува. Оттаму велат дека не се работи за акционерско друштво, и затоа компанијата не е задолжена да изнесува такви податоци во јавноста. Касперски потенцира дека најголемиот број вируси се создаваат во Кина, Бразил и Русија, а не во индустриските земји од Европа и САД.

„Најважни се два фактора: прво - економскиот развој. Во земјите со добро развиена економија, стапката на криминал е пониска. Второ - менталитетот. Во Јапонија не се создаваат вируси. Јапонците не прават прекршоци во интернет-сферата, за нив тоа би било срамно. Ако погледнеме во Европа и во Америка, ќе забележиме дека најчесто вирусите ги пишуваат емигранти. На глобално ниво, хакерската индустрија никогаш нема да биде победена. Тоа би било можно единствено доколку во исто време уништуваме и компјутери и луѓе. Отсекогаш имало прекршители и хулигани. Ќе ги има и во иднина, па дури и ако сите се образовани и богати. Секогаш ќе постои некој што ќе развие вирусна програма.“

Автор: Бисера Огњановска Митров

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска