Сѐ поголемо насилство врз христијаните
18 јануари 2019И покрај сите приказни за затоплување на односите на Корејскиот Полуостров, Северна Кореја останува на врвот на страшната статистика. 18-ти пат по ред земјата е на врвот на листата на земји кои вршат прогон на христијаните, која врз основа на статистички податоци ја составува христијанската хуманитарна организација „Отворени врати“ (Open Doors).
Во Северна Кореја притисокот врз христијаните во сите сегменти од животот и натаму е екстремен, се наведува во извештајот кој вчера (16.1.) го објави организацијата. „Секое отстапување од изразување почит кон врховниот политички лидер“, се смета за злосторство. Во јуни 2018 година, американскиот претседател Доналд Трамп во Сингапур се сретна со севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун. Но, според извештајот на организацијата „Отворени врати“, тоа немало никаков позитивен ефект врз слободата на верата во земјата.
Повеќе убиени христијани
Прогонот на христијаните, според наводите на организацијата „Отворени врати“, е глобален тренд над 10 години. Причина за тоа е и растот на бројот на тоталитарни режими. И во 2018 година во светот е зголемен бројот на случаи на насилство над христијаните и нивен прогон. Според наводите на оваа организација, во бројни земји ова насилство веќе со години расте и тоа сѐ побрзо. Така, бројот на забележани убиства на христијани, според извештајот, од 2.782 во 2017 година, пораснал на 4.136 минатата година. Најмногу се убиени во Нигерија.
Во „Индексот на прогон 2019“ се наведуваат 11 земји во кои може да се зборува за „екстремен прогон на христијани. Пред 5 години таква состојба е забележана само во една земја: во Северна Кореја. На екстремен прогон се изложени стотици милиони христијани.
Индија на десеттото место
Меѓу земјите во кои христијаните се во најтешка состојба не се само Иран, Сомалија или Судан, или земјите во кои се војува, како што се Јемен и Авганистан. Во оваа група спаѓаат и Индија и Еритреја. На 11 место е Сирија.
Најпознат поединец кој минатата година стана симбол на прогонетите хрустијани е Пакистанката Асја Биби. Оваа неписмена жена, мајка на повеќе деца, во 2010 година е осудена на смрт поради наводно богохулење, што предизвика бројни реакции и кампањи ширум светот. Кога на крајот на октомври 2018 година пакистанскиот Врховен суд ја отфлри пресудата, во земјата дојде до повеќедневни насилни демонстрации на исламските екстремисти.
За организацијата „Отворени врати“ овој драматичен случај е симптоматичен. Пакистан, покрај Нигерија, е земја со најмногу насилство над христијаните. Насилството против нив е дел од секојдневието, а особено се загрозени христијанските девојки и жени. Нив често ги киднапираат, присилно ги мажат или ги присилуваат да преминат во исламска вероисповед.
Прогон во сопственото семејство
Во извештајот се наведуваат и различни видови на прогон. Најчест е оној во семејството, во случај ако некој премине од ислам во христијанство. Друг вид загрозување на христијаните е прогонот кој го спроведуваат екстремистичките групи како што се Исламска држава, Абу Сајаф или Боко Харам. Трет е кога христијаните се прогонети од целото општество, како на пример во Индија. Се покажува дека во тие случаи не се загрозени само христијаните, туку и другите верски малцинства.
Организацијата „Отворени врати“ наведува 50 земји во кои се прогонети христијаните или им се ускратува слободата на верско изразување. Се воочува дека поранешните борци на ИД се префрлиле од Ирак и од Сирија во други земји на Блискиот исток, како и во Азија во јужна Африка.
Опсежно истражување
Хуманитарната организација „Отворени врати“, според своите наводи, им помага на прогонетите христијани во шеесетина земји. Таа се смета за надконфесионална, но е блиска со Германскиот евангелистички сојуз кој е составен од шеесетина евангелистички организации. На христијаните во другите земји таа им пружа не само хуманитарна помош, туку испраќа и библии, им помага во преводот на верски книги и организира теолошки семинари.
Податоците за прогонот на христијаните се добиени врз основа на опсежен прашалник кој оваа организација секоја година го доставува до своите и до надворешните соработници, како и до лидерите на верските заедници на терен. И покрај одредени недостатоци, овој извештај помага во формирање на сликата за вистинската состојба во одделни земји, бидејќи прашалникот го пополнуваат лица кои се наоѓаат на терен и имаат непосреден увид во состојбата.