1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стратегија на кукавицата

1 март 2017

Демагогијата на Груевски и една група околу него, е резултат на долгогодишна политика, идентична со стратегијата на кукавицата: да не подметнува свој грб, но да подметнува свои игри во гнездата каде се раѓа демократија.

https://p.dw.com/p/2YQKM
Mazedonien Wahlen - VMRO DPMNE Nikola Gruevski
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Се покажа како завршуваат повиците на Груевски за одбрана на Македонија.

Човекот кој им порача на граѓаните дека „се во заблуда ако веруваат дека друг ќе им им ја заврши работата додека тие седат дома во влечки и гледаат телевизија“, токму тој, седи дома во влечки пред телевизорот. А што друго и би правел, освен да слуша колкава е бурата од злите ветрови што тој ги посеа во изминатите денови. Да слушне чија новинарска екипа завршила со повреди во клиничкиот Ургентен центар, колку штабови на СДСМ се искршени, колку малолетници се пресметале по автобуски станици, колку домови се украсени со навредливи пораки, колку луѓе се исплукани и кој од неговите партиски послушници на протестите најгласно се истакнале во сеењето националистички магли и митови. 

И по сето тоа, ВМРО-ДПМНЕ крајно лицемерно ќе го осуди нападот врз екипата на интернет порталот „А1 он“, со тоа што вината ќе ја насочи кон СДСМ, порачувајќи му дека „народот се буди“ и не прифаќа платформи за редефинирање на државата.

Таа демагогија на Груевски и една група околу него, е резултат на долгогодишна политика, идентична со стратегијата на кукавицата: за ништо да не подметнува свој грб, но редовно да подметнува свои игри во сите општествени гнезда каде се раѓа демократијата.

Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Сака изборно да победува, но без да ги почитува правилата на демократска игра. Сака да се прикаже како силен, ама на други им нарачува „да му врзат јаки шамари“ на опонентот. Сака да остане на власт, ама други „самоиницијативно“ да се тепаат по улици за неговиот личен интерес, откако ќе им наложи да ги остават домашните влечки и да влезат во војнички чизми. Бидејќи сака да се претстави како чесен, други мора да ставаат потпис на нарачката за неговиот најскап „мерцедес“. Кога сака да се спаси од соочување со правдата, другите ги хушка со манипулации дека е нападната татковината.

Клептопаразитизам - тоа е името на стратегијата на обичната кукавица (Cuculus canorus). Таа е симбол за некарактерност, подлост, лишеност од каква било храброст и чесност, а нејзиниот главен modus operandi е да паразитира и подметнува, за други да ѝ ги вршат работите.

Неговите кукавички јајца имаат разни имиња - од „Веритас“, преку СОС и „Тврдокорни“ до Граѓанска иницијатива за заедничка Македонија. Каква е таа заедничка Македонија, и како може да се изгради, ако медиумите се третираат со боксови во глава, ако цела една етничка заедница навредливо се генерализира како „клети Шиптари“, ако други се етикетираат како „предавници“, ако трети се изложени на континуирана хајка како „соросоиди“, и ако клептопаразитизмот лажно се маскира во спасувачки државнички елемент, ширејќи лаги за загрозена унитарност на државата.

Познато е дека птицата што ќе се испили од кукавичко јајце подметнато во туѓо гнездо, ги турка другите за да остане сама и повластена во гнездото. Родителите несвесни за измамата го хранат токму натрапникот кој ги оставил без нивното вистинско потомство. На такво гнездо денес наликува Македонија, соочена со обидот на натрапникот да ја уништи можноста за здрави, демократски генерации, преку подметнување свои клиентелистичко-националиститички егземплари како симбол на „вистинскиот народ“.

За разлика од науката која не ги осудува птиците кукавици заради ваквата стратегија за преживување, бидејќи не се свесни суштества подложни на некој морален закон, во демократските општества луѓето кои ја ја користат стратегијата на кукавицата се предмет на презир, но пред сѐ, на кривична одговорност. Повикувањето на акции и постапки кои ја загрозуваат безбедноста се кривично дело и Јавното обвинителство не смее и натаму да ги игнорира, туку да постапува, ако не сака да се дозацементира како месен комитет на партијата.

Mazedonien - Präsident Gorge Ivanov
Иванов молчи и ризикува да стане соучесник во опасни игри за дестабилизација на земјатаФотографија: MIA

Срамно е и што претседателот Ѓорге Иванов молчи, и остава време и простор тензиите што се крајно опасни за интраетничкиот и меѓуетничкиот мир - да го завладеат и узурпираат просторот на демократските процеси. Доколку тој и натаму продолжи со тактизирањето пред неговата уставна обврска да ги ефектура 67-те потписи во мандат за влада, а кои од завчера стојат на неговата работна маса, ризикува да стане главен соучесник во опасни игри за дестабилизирање на земјата. 

Не знам дали Иванов ги слуша добронамерните пораки од Брисел и Вашингтон - да се формира влада без натамошно одолговлекување. Ако му е расипано радиото, според негово признание, може брзо да го поправи. Но, потешко ќе може да се поправат состојбите ако заради негово натамошно необјасниво и неоправдано одолговлекување, безбедноста на Македонија заврши во „Ургентен центар“. Сепак, многу посигурно е дека и покрај сите опструкции Македонија од ова невреме ќе излезе посилна и посплотена, а тој и неговите ментори ќе мора да одат на долгогодишна...рехабилитација.