1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стратев го спасува Вардар

18 јануари 2011

Вардар, деновиве е фудбалски најактуелен. Клубот, некогашна македонска спортска гордост, сега е во колапс. Претпоследен на прволигашката табела со малку бодови. Има ли капацитети за реализација на мисијата за спас?

https://p.dw.com/p/zz5y
Новиот тренер на ФК Вардар, Зоран СтратевФотографија: DW

Операцијата „спас за Вардар“, започната со враќањето на некогашниот спонзор Слободан Вујчиќ, продолжи со ангажманот на познатиот тренер Зоран Стратев. До вчера тој беше на клупата на соседот Работнички. Неминовна ли беше разделбата со „Романтичарите“? Стратев објаснува:

„ Мислам дека до разделбата дојде од причина што едноставно дојде до разделба и помеѓу претседателот на клубот Драган Поповски и спонзорот Слободан Вујчиќ. Јас сметам дека сум по близок со господинот Вујчиќ, дојде до неминовна разделба помеѓу Работнички и мене, иако јас имав желба и намера да останам барем до јуни.“

Ова е трет мандат на Зоран Стратев како тренер на Вардар.Првпат е во ситуација да го спасува од вителот, кој силно го влече во Втората лига.

Mazedonien Fußball Vardar Skopje
Теренот на ФК Локомотива сега е локалција за тренинг на фудбалерите на ВардарФотографија: DW

„Мислам дека влегуваме во една мисија за спасување на Вардар, меѓутоа јас се надевам дека успешно ќе ја завршиме таа мисија, зошто мислам дека не личи фудбалот во Македонија во првата лига без Вардар, кој е најголемиот бренд од Македонија што се однесува до фудбалска смисла.“

Блокирана сметка, неупотребливи терени за тренинг

Со повеќе пречки е соочен Вардар во овој период. Една од нив е неможноста на доведување на нови играчи, се додека не ги подмири финансиските обврски кон ФФМ. Тоа е сума од 25 илјади евра.

„Мислам дека овие денови клупското раководство ќе ги реши тие проблеми и ќе се одобрат трансферите на ФК Вардар. Со нас веќе тренираат неколку фудбалери кои беа во Работнички, а сега се во Вардар. Работиме на засилувања, но сето тоа мара да се работи во од, бидејќи немаме доволно време.“

Ќе има ли Вардар финансиски капацитет за да ја реализира мисијата на спасување? Ќе успее ли да обезбеди успешни подготовки за најтешката полусезона во историјата?

Mazedonien Fußball Vardar Skopje
Имаат ли играчите на Вардар сили за опстанок во Првата лигаФотографија: DW

„Во овој момент Вардар немаше услови за работа, бидејки помошните терени на Вардар се уништени, што со градбата на градскиот стадион, што од неажурноста на луѓето кои досега беа во Вардат. Таму немаме никакви услови за работа и затоа се одлучивме да работиме на теренот на ФК Локомотива каде што имаме добри услови. Ќе следуваат подготовки и надвор од земјата каде условите ќе бидат одлични. Тие подготовки мораме да ги направиме за да одиграме неколку силни натпревари кои ќе бидат многу значајни во понатамошниот дел од првенството.“

Најнапред опстанок а потоа се’ друго

Со почетокот на март, со продолжението на првенството, всушност започнува вистинската битка на Вардар. 9 бодови негатива го делат од тимовите што се борат за опстанок. Да не верував дека има шанси, немаше да се вратам во Вардар-вели Стратев. Имам и морална обврска кон Вардар.

„Се надевам дека со сплотени сили на сите структури во клубот, почнувајќи од раководството, стручниот штаб и навивачите кои се неопходни во оваа ситуација. Секако дека Вардар може да се спаси и да остане во првата лига, а за понатаму секако дека местото му е во горниот дел на табелата и Вардар секоја година ќе треба да се бори за првото место.“

Автор: Златко Калински

Редактор: Симе Недевски