1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Стравот од коронавирус - Елдорадо за измамници

Бернд Ригерт
30 март 2020

Стравот од коронавирусот е перфиден „бизнис-модел“ за измамници, предупредува европската полициска служба Европол. Да не се подлегнува на понудите на измамниците – вакцина против коронавирус не постои.

https://p.dw.com/p/3aBBS
Symbolbild Pillen
Фотографија: imago/G. Czepluch

Како последица на кризата со коронавирусот, бројни претпријатија и самостојни претприемачи во цела Европа бележат пад на производството и на обртот. Но, една бранша е во подем: измамниците прават бизнис со стравот, предупредува европската служба за борба против криминалот, Европол со седиште во Ден Хаг. Катерине Де Бол, директорка на Европол, истакнува со каква брзина криминалците ги развиваат своите измамнички методи: „Додека голем број луѓе се борат против кризата и им помагаат на жртвите, постојат и криминалци кои ја искористуваат корона-кризата. Тоа не можеме да го дозволиме. Нелегалните работи во екот на здравствена криза се посебно опасни и можат да загрозат човечки животи.“ Европол ги координира полициските служби на ЕУ и е надлежен за прекугранични истраги.

Фалсификувани лекови

Европол предупредува од фалсификувани лекови кои се нудат на продажба преку интернет. Во акција спроведена во светски рамки во 90 земји, заедно со други полициски служби, идентификувани се преку 2000 интернет страници на кои на понуда се неделотворни таблети, спрејови или масти против коронавирус. Во рамките на полициската акција со кодно име „Пандеа“, запленети се милиони медикаменти. Станува збор за антивирусни лекови или фалсификувани средства против маларија, за кои не постои никаква лиценца и дозвола за продажба. Во оптек се и фалсификувани заштитни маски, кои или се неефикасни или пак се претерано скапи. На почетокот на март од оптек се повлечени 34.000 хируршки маски кои не ги исполнувале потребните стандарди, се вели во соопштение на Европол.

Во мрежите на измамниците не паѓаат само заплашени приватни потрошувачи, туку понекогаш и државни служби. Белгиските здравствени власти порачале на пример заштитни маски за пет милиони евра кај еден производител во Турција, кои никогаш не биле испорачани, како што пишува белгискиот весник „Ле Соир“. Шпанскиот весник „ЕЛ Паис“, повикувајќи се на анонимни извори, извести дека шпанските служби во Мадрид употребиле 640.000 неефикасни тестови за коронавирус, кои прикажале огроен број негативни резултати. Тест-пробите потекнувале од кинеска фирма.

Европската комисија предупредува на внимателност

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен уште минатата недела преку видеопорака ги предупреди граѓаните на ЕУ да се чуваат од измамници во врска со коронавирусот. При порачувањето преку интернет, секој поединец треба да ја провери сериозноста на понудувачот. Понудите за купување вакцина против коронавирус во секој случај се лага. Доколку се пронајде вакцина и таа добие дозвола за примена, „ќе дознаете од веродостојни извори“, изјави Фон дер Лајен, владите и јавните институции тоа навремено ќе го соопштат.

Лажни здравствени службеници вршат наводни тестови

Европската полициска служба предупредува и од зголемен борј на кражби и провали. Како последица на мерките воведени заради минимизирање на можноста за зараза, многу фабрички и други згради се празни или слабо надгледувани. Зголемување бележат и обидите на крадци да добијат пристап во приватни станови. Измамници се претставуваат како претставници на одредени служби или санитарци кои треба да извршат тест за коронавирус врз лица или да спроведат контрола за присуство на вирусот во просториите. На жртвите им се одвлекува вниманието и бидуваат ограбени.

Повеќе:

Вакцина против коронавирусот: „Наскоро почнуваат првите тестови“

Од каде потекнува коронавирусот? Колку останува на површините? Одговори на Вашите прашања

Германска студија од 2012 година до детал ја предвиде пандемијата на коронавирусот

Со измамнички интернет-страници нема проблеми само во Европа, туку и во САД. Една фирма во Лос Анџелес, која автоматски ги регистрира новите веб-страници, најави дека нема веќе да ги дозволува интернет-страниците со клучни зборови „корона“ или „ковид“. Судија во Тексас претходно, на барање на Министерството за правда на САД, побара затворање на онлајн страница на која биле продавани вакцини против коронавирус за 4,95 долари по парче, кои наводно потекнуваат од Светската здравствена организација. Операторите на вебстраницата сакале преку касирање на парите за лиферување да стигнат до податоци за кредитните карти на измамените потрошувачи.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија